Најголемиот кинески производител, Huawei, во моментов кај нас дефинитивно ја има најбогатата гама на производи. Покрај Mate и P серијата од високата класа, тие имаат и неколку изведби во средната класа, како и неколку изведби во ниската класа. Накратко, тие имаат смартфон за сечиј вкус.
Средната класа на Huawei е во моментов исклучително интересна за купувачите, бидејќи производителот се одлучи да вгради многу карактеристики од поскапите телефони, како на пример квалитетен дисплеј и изработка, во мало надворешно пакување, благодарение на малата рамка околу дисплејот.
P Smart е телефон кој ги следи овие бенчмаркови, а воедно донесува и двојна задна камера и најновата верзија на Android, која донесува значителни подобрувања во однос на другите модели во сегментот. Со цена од 14.999 денари, тој е и прилично дофатлив за поголем број на купувачи, па дали е доволно добар за да го заслужи местото во вашиот џеб?
P Smart секако дека не е најубавиот смартфон на пазарот, но надворешниот дизајн е доволно модерен за да ги привлече очите на погледите на останатите околу вас. Уредот кој го имав на тест е обоен во златна боја назад и бела напред, што прави оддалеку да делува дури и како iPhone. За многу купувачи ова верувам дека ќе биде и позитивна работа.
Задоволува и целосната изработка и материјалите. Задниот дел е изработен од алуминиум во средината и пластика во долниот и горниот крај. Со оглед на цената, ова е прифатливо – тука не може да се очекува телефон кој е целосно изработен од алуминиум, со супер ниски толеранции. Исто така, не очекувајте водоотпорност. За таква заштита и натаму треба да одвоите повеќе пари.
Во привлечниот дизајн секако удел има и дисплејот, кој има големина од 5,65 инчи и Fulll HD+ резолуција, односно 2160х1080 пиксели, што го прави многу остар. Екранот е позитивно изненадување – има солидни бои и контраст, како за LCD дисплеј, а добро се гледа и отстрана. На сонце е сепак малку потешко да го прочитате, споредено со смартфон од високата класа, но споредено со другите телефони во оваа класа се држи одлично. Благодарение на малата рамка околу него и соодносот 18:9 на страните, P Smart е и компактен телефон, кој добро лежи во рака и со кој нема да имаат проблем да управуваат и оние со помали раце.
Иако дисплејот е одличен, филмови и видеа на овој телефон е препорачливо да гледате со слушалки, бидејќи вградениот звучник е прилично тивок. За среќа, P Smart доаѓа со вграден 3,5 mm излез за слушалки, па поврзувањето на некој квалитетен пар кој веќе го имате нема да претставува никаков проблем.
Претходно веќе тестирав Mate 10 Lite, смартфон кој е делумно поскап од P Smart и кој има неколку дополнителни можности, како на пример двојна камера напред и поголем дисплеј, но кој има постара верзија на Android. Бидејќи двата телефони го делат истиот процесор (HiSilicon Kirin 659), P Smart работи многу побрзо и пофлуидно и покрај тоа што има „само“ 3 GB рам, што сигурно е резултат на поновиот Android Oreo со EMUI 8 на Huawei.
Додека Mate 10 Lite знаеше да закочи и во секојдневните апликации, како Facebook и Instagram, P Smart работи без никакви проблеми. Да, процесорот не е направен за најтешките 3D игри и знае малку да забави ако го „напнете“, но генерално искуството е позитивно и целосно прифатливо за таргет групата, особено оние кои го користат телефонот за секојдневно поврзување на социјалните мрежи. Како бонус, P Smart има и читач за отпечатоци, одлично позициониран во задниот дел, кој работи супер брзо кога сакате да го отклучите телефонот.
Телефонот инаку има 32 GB простор за податоци, како и можност за ставање на micro SD картичка на местото на втората SIM картичка. Ова значи дека ако ставите две SIM картички, нема да може да ја проширите меморијата, што е делумна слабост. Како и да е, за поголемиот број на корисници и 32 GB можат да бидат доволни, особено што денес веќе има бесплатни сервиси кои ќе можат да ги прикачат вашите фотографии и видеа на клауд, па тие нема да земаат од внатрешниот простор, како Google Photos.
Минатата година „портрет“ модовите станаа стандард во високата класа и добро е што тие се селат и во пониските класи. Благодарение на задната двојна камера, комбинација на 13 и 2 мегапиксели, P Smart може да ја гледа длабочината на полето и да ја замати позадината. Тој тоа не го прави добро како смартфоните од високата класа, но на слика која ќе ја ставите на Instagram тие слабости ќе бидат и тешко забележливи.
Преку ден, камерата е исто така доволно добра и има доволно динамички опсег и добар тоналитет, се додека не очекувате чуда. Навечер задната камера е прилично слаба и не дава задоволителни резултати, што е всушност проблем и кај најголемиот број на смартфони од оваа класа.
Предната камера пак има 8 мегапиксели и иако не е двојна, исто така има портрет мод кој работи само со помош на софтвер. Иако не е толку прецизен како тој на задната, би рекол дека работи задоволително и со внимателно позиционирање на главата, можат да се добијат доста добри фотки. Самиот квалитет на камерата пак е просечен – шум се гледа дури и на денските фотографии, а фали и контраст кој ќе направи селфи портретот да изгледа малку подраматично.
Ако малку подолго висите на вашиот паметен телефон, P Smart можеби нема да биде најдобриот избор за вас. Тој доаѓа со вградена батерија од 3.000 mAh, што не е малку, но не е ниту особено многу. Како и да е, од него не би требало да имате проблем да извлечете цел ден користење, што значи дека треба да го полните секоја вечер. За жал, како и Mate 10 Lite, P Smart нема брзо полнење и ќе треба да чекате преку 2 часа за да се наполни.
Huawei има неколку телефони во оваа класа покрај P Smart, како Mate 10 Lite и поновиот P20 Lite. Сепак, тие модели се поскапи од P Smart, а според мене и не носат некои особено подобри функционалности за да ја оправдаат таа цена, односно имаат само поголем дисплеј и минорно подобри камери. Моја препорака е да заштедите од 50-100 евра, зависно дали ќе го „мерите“ со Mate 10 Lite и P20 Lite и да го купите P Smart – разликите ќе бидат скоро незабележливи во секојдневното користење!
Автор: Иво Гиевски