Периодот за имплементација на планот 3-6-9 истекува денеска заедно со објавувањето на извештајот на Европската Комисија за состојбите и напредокот на земјава на евроинтегративниот пат.
Деталниот фактографски извештај за имплементацијата на планот 3-6-9, точно на полноќ беше објавен на веб-страницата на Секретаријатот за европски прашања www.sep.gov.mk и истиот може директно да се преземе на следниот линк https://goo.gl/BqGvVt.
„Во изминативе девет месеци Македонија успеа да испорача исклучително продуктивна реформска агенда. Доказ за ова е успешното спроведување и реализацијата на Планот 3-6-9 т.е. реализирани се преку 90% од предвидените реформи и 100% од неговата суштина – Македонија се врати на евроатланскиот пат“, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
Планот 3-6-9 беше усвоен во јули минатата година, по изгласувањето на новата Влада, со цел да обезбеди трасирање на патот односно да го одмрзне реформскиот процес во Република Македонија и да ја врати државата на евроатланскиот пат, и беше поделен на три делови, според рочноста во која се имплементираа реформите. Неговиот прв дел – делот три беше финализиран со одржувањето на фер, слободни и кредибилни избори во ноември минатата година, додека делот шест заврши со излегувањето на Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан 2025.
„Согласно испорачаните резултати т.е. успешнато спроведување и реализација на планот 3-6-9, истиот треба да биде крунисан со најдобриот извештај за Република Македонија досега и со чиста и безусловна препорака за преговори со Унијата.
Со завршувањето на Планот 3-6-9, не завршуваат реформите, туку напротив, оваа реформска агенда ќе продолжи и во иднина, во насока на имплементација на процесите кои произлегуваат од Шесте водечки иницијативи на Стратегијата 20-25 на Комисијата, како и од сугестиите, коментарите, забелешките кои ги очекуваме во денешниот извештај на Комисијата“, се вели во соопштението од кабинетот на Османи.