Прво судење за „Монструм“ откако го презеде СЈО

Макфакс

17/04/2018

09:50

1.616

Големина на фонт

а а а

За денеска во кривичниот суд е закажано рочиште за случајот „Монструм“ откако го презеде специјалното јавно обвинителство.

На 19 февруари оваа година обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското Езеро добија доживотни казни затвор, за потоа Врховниот суд да утврди серија пропусти во водењето на постапките и да ги укине пресудите. По оваа одлука, предметот е вратен на судење од почеток. Највисокиот суд ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост, односно да не смеат да го напуштат градот во којшто живеат, а имаат и обврска двапати неделно да се јават во Основниот суд Скопје 1. Меѓународните потерници за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште се активни, иако тие со години се на Косово. Тамошните власти го одбија барањето за екстрадиција бидејќи тврдеа дека не биле доставени доволно докази кои укажуваат на нивна вмешаност во случајот.

На 12 април 2012 година покрај езерото, кај селото Смилковци рибари ги пронајдоа телата на четирите момчиња Александар Наќевски, Киро Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацевски и 45-годишниот Борче Стефковски.

„Монструм“ доби нов тек откако лидерот на СДСМ и сегашен премиер, Зоран Заев, најави бомби, односно прислушкувани разговори кои ќе го расветлат случајот. Родителите и роднините на убиените сè уште очекуваат да ги слушнат разговорите, а истите се во СЈО, каде се води постапка.



Спонзорирани линкови

Маркетинг