Општина Ѓорче Петров: Улицата кај училиштето „Мирче Ацев“ е критично место на кое во иднина ќе има семафор

Макфакс

16/04/2018

15:47

1.106

Големина на фонт

а а а

Општина Ѓорче Петров се огласи со соопштение во врска со сообраќајната незгода на улицата Борис Сарафов, поточно кај училиштето „Мирче Ацев“, во која вчера беше повредено 10-годишно дете. Како што информираат оттаму, во координација со Град Скопје договорено е на критичното место да биде поставен семафор.

„Со ваквата постапка очекуваме целосно да се реши проблемот со сообраќајот, брзото возење и непочитување на пешаците што минуваат на пешачкиот премин кај училиштето ‘Мирче Ацев’“, се наведува во соопштението од Општината.

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, денеска даде изјава во врска со немилиот настан, при што вети дека додека е тој градоначалник, никогаш повеќе нема да се случи таков инцидент на тоа место.

„Како градоначалник, жител на општината и родител изразувам големо жалење за незгодата, при што повредено е дете што е наш сограѓанин. Посакувам што побргу да закрепне и се надевам дека по решавање на сообраќајниот проблем, никогаш повеќе во мојата општина, на тоа место, нема да се повтори ваков немил настан, кој, за жал, се повторува. Во повеќе наврати, заедно со релевантните засегнати страни, но и невладини организации што работат на проблематиката, како Општина инициравме средби на оваа тема, а дебатиравме за можни решенија токму пред неколку дена во мојот кабинет“, рече градоначалникот.

Тој воедно повика на свесност и совесност кај возачите што сообраќаат по таа улица, на која, поради училиштето, во најголем број се движат деца. Покрај тоа, Наумоски апелира до родителите за разумност и смирување на тензиите поврзани со настанот.

„Исто како и тие, и јас очекувам преку конкретен проект конечно решавање на проблемот“, додаде тој.



Спонзорирани линкови

Маркетинг