Спасувачот на Села: „На 27 април во Собранието се бараше шиптарска крв“

Макфакс

16/04/2018

11:46

4.703

Големина на фонт

а а а

Абдулфетах Аљими, кој е обвинет за настаните од 27 април во Собранието, а истовремено е и сведок за нападот на пратеникот Зијадин Села, го препозна Александар Јаневски, кој, според сведокот, играл топло-ладно и ја контролирал толпата за време на нападот.

„Кога влегов во прес-салата, Зоран Заев беше облеан со крв. Фрлаа со столови, предмети. Беше хаос. Стоев пред Зоран Заев, Оливер Спасовски и Талат Џафери. Се фрлаше со сè и сешто, се бараше шиптарска крв. Тоа не сум го видел ни во филм. Не видов пиштол, но го очекувавме и тоа“, сведочи Аљими.

Сведокот тврди дека видел како извесен човек си играл, како што вели топло-ладно, ги смирувал напаѓачите, па потоа давал наредби кон другите присутни. Тој вели дека памти двајца од напаѓачите на Села.

„Имаа мала брада, едниот беше постар, 50-ина години, со бела коса и тој е тој што си играше топло-ладно. Толпата го слушаше ова лице. Тој е во судницата“, рече сведокот Аљими.

Сведокот Аљими препозна уште еден од обвинетите, лицето Кире Георгиевски, кој бил насилен на 27 април во прес-салата на Собранието. Лицето било качено на маса, носело фантомка и ги насочувало другите кон Зијадин Села.

„Колешката ме викна во Клубот на пратениците и ми рече: ‘Фетах, дојди, Села е починат“, односно така сум разбрал. Но, колешката Милунка ми рекла дека Села е тешко ранет. Кога го видов, мислев дека е мртов, беше цел во крв. Таму имаше многу луѓе, а еден со бела маица на главата го удри Села со ногата. Не го памтам лицето“, рече Аљими.

Аљими: Го маскиравме Села како полицаец и го изнесовме од Собранието

Заедно со Владимир Стојков и колешката Милунка, од Клубот на пратениците, Зијадин Села го однесовме во бифето каде што му беше дадена прва помош, сведочеше Абдулфетах Аљими во случајот за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на 27 април минатата година.

„Села го носевме преку помошните скали, на погорните катови. Тој не беше присебен и ме прашуваше на македонски: „Кај ме носите?“, а јас одговорив: „Во сигурни раце сте“. Кога се качив горе, во гаражата викаа: „Не е завршена работата со Села“. Потоа отидовме на третиот кат, најдовме отворена канцеларија и влеговме: јас, Села и уште еден дечко. Го ставивме Села под масата. Викнав помош, дојде медицинска сестра вработена во Собранието. Ми се јави поранешниот пратеник Зулфија Аљиљи, а потоа и Аљи, кои ме поврзаа со еден полицаец. Ми се јавија на телефон и им кажав дека ми требаат 5 полицајци во цивилка. Тие дојдоа, беа тројца во цивил, двајца во униформа, еден доктор и една сестра. Со носилка го однесовме на приземјето. Села беше маскиран, со капа и легитимација од полицаец. Баравме од пратеникот Ѓорчев оклопно возило, кое нè чекаше пред гаражата. Го ставивме таму и го однесовме во државната Клиничка болница“, рече Аљими.



Спонзорирани линкови

Маркетинг