Од LG велат дека G7 ќе биде револуција во однос на V30S и ќе понуди подобра меѓусебна поврзаност со уредите, а како и сите поголеми телефони, и G7 ќе добие „заб“ на екранот.
Откако протекоа речиси сите детали за седмата генерација на телефоните од G серијата на LG, од јужнокорејската компанија службено потврдија дека новиот телефон ќе има целосен назив LG G7 Thinq.
Како што е познато, телефонот ќе ја има својата премиера на 2-ри мај во Њујорк, а ознаката Thinq се поврзува со линијата на уреди LG кои што користат вештачка интелигенција за да понудат понапредни можности.
„Со паметниот телефон LG G7 Thinq, компанијата продолжува да ги исполнува своите ветувања за напредни технологии кои што благодарение на вештачката интелигенција, сигурно ќе ги задоволат потребите на корисниците“, изјави Хванг Јеонг-Хван, претседател на LG Electronics Mobile Communications.
Како што дознава Android Headlines каде што ги објавија и првите фотографии од новиот LG G7, уредот ќе има „заб“ на врвот од екранот кој што за разлика од оној на iPhone X на Apple, ќе може да се исклучи.
Покрај тоа, еден од најголемите адути ќе биде камерата, односно двете камери на задната страна од по 16 мегапиксели кои што ќе работат со помош на вештачка интелигенција. Таа технологија автоматски ќе ги прилагодува боите, острината и контрастот, а камерата ќе има и модови за слабо осветлување и широкоаголно снимање. Камерата ќе може да го препознае тоа што го фотографирате или снимате и така да ги прилагоди поставките.
Што се однесува до самиот екран на телефонот, тој заедно со камерата би треало да има поддршка за HDR10 видео, а LG G7 Thinq ќе добие и поквалитетни звучници.