Русија го повика Западот да размисли за последиците од напад во Сирија

Макфакс

12/04/2018

20:40

3.571

Големина на фонт

а а а

Русија денес ги повика западните земји сериозно да ги разгледаат последиците од заканите за напад во Сирија.

Властите на повеќе западни држави најавија напад во Сирија како противодговор на нападот во градот Дума за кој тврдат дека сириската влада користела хемиско оружје. Русија ги повика западните лидери да се воздржат од ваквата реакција додавајќи дека не сака ескалација на конфликтот во Сирија.

„Ги повикуваме членовите на меѓународната заедница сериозно да ги земат предвид можните последици од ваквите обвинувања, закани и планирани акции кон сириската влада“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Според неа, никој не им дал право на западните лидери да се стават во улога на светска полиција и во исто време да бидат инспектори, обвинители, судии и џелати.

„Нашиот став е многу јасен и конкретен: Ние не сакаме ескалација“, рече Захарова. Таа додаде дека се надева оти западните земји имаат доволно мудрост да се вратат кон дијалогот и заедничкото решавање на постојните проблеми, како што е предвидено со Повелбата на ОН.

Инаку, западните земји, предводени од САД, се заканија со воена акција против силите на сириската влада како одговор на нападот во градот Дума. Русија смета дека ова е изговор за да се започнат нови воени операции и предупреди дека ќе ја урне секоја ракета упатена кон Сирија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг