Заев упати честитка по повод Велигден: Да се усовршуваме како луѓе и да ги чуваме душата и телото чисти

Макфакс

07/04/2018

12:32

2.175

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, упати честитки до сите православни христијани во нашата земја, до Синодот и до свештенството на МПЦ-ОА и со пораката Христос Воскресна – Навистина Воскресна им го честиташе најголемиот православен празник Воскресение Христово – Велигден.

Во честитката до поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Г.Г. Стефан, премиерот Заев, меѓу другото, пишува дека овој голем празник не повикува да ја отвориме нашата волја и да се усовршуваме како луѓе и личности имајќи го предвид подвигот на Исус Христос и да ги чуваме душата и телото чисти, за да не бидеме задушени во мракот на невоздржувањето.

„Најголем пријател на верата и на луѓето можат да бидат токму воздржувањето и одговорноста. Тие човечки вредности можат со сигурност да ги ослободат, да ги зајакнат, да ги осилат душата и духот“, пишува во честитката премиерот Заев.

„Со благодатта на распнатиот и воскреснатиот Христос во овие Велики денови, на сите православни Христијани, да Ви го честитам Воскресението Христово, и нека биде за многаја лета“, порачува во писмото со честитки до православните христијани по повод Велигденските празници, Заев.

Премиерот, по повод празникот, писмо со честитки упати и до Црковното претставништво и верниците на Евангелско-методистичката црква во земјата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг