Архитектот Роберто Роси изградил посебна куќа во северниот дел од Италија која може да се ротира за 360 степени. Куќата во близина на Римини се балансира благодарение на централниот столб и осмислена е како осмоаголник кој може механички да се движи во два правци за да може на сопственикот да му се овозможат различни погледи кон околината.
Ротацијата исто така се употребува и за соодветно насочување на соларните плочи кон сончевата светлина.
"Клиентот од самиот почеток сакаше куќата да се ротира, од една страна поради можностите за промена на точката на гледиште кон надворешната средина, а од друга страна поради страста кон машините и механизмот", вели Роси за магазинот Дезин.
Идејата за ваквата изградба е од друг италијански дом кој може да се ротира - вилата Џирасол, експериментална двокатна куќа изградена во 1930 година.
"Сакавме повторно да ја оживееме футуристичката авангардна привлечност на вилата Џирасол", вели Роси.
Особено предизвик било тоа што требало лесната конструкција да може да го издржи ротирањето.