Лина Ѓорческа за Точка: „Мирната глава“ на терените е пресудна

Точка

03/04/2018

14:52

22.842

Големина на фонт

а а а

Девојките како Лина Ѓорческа, најдобрата македонска тенисерка, денес се веројатно реткост. Иако има само 23 години, поседува длабока смиреност, сталоженост, ненаметлива мудрост и духовитост и питома енергија.

Зборува тивко и иако делува строго, нејзината мека насмевка открива дека во себе носи благо, отворено и борбено срце. Таа знае точно што сака. Затоа е и една од најуспешните и најдобрите македонски спортисти, со големи победи и успеси.


Секако, тениските терени се нејзиното секојдневие. Таму направивме и дел од фотосесијата, по која Лина не покани во нејзиниот дом во Скопје каде престојува во одредени денови (најчесто е во семејниот дом во Тетово, градот каде е родена). Таму во опуштена атмосфера снимивме уште неколку кадри, кои излегуваат од спортскиот концепт и ја прикажуваат нејзината женственост и сексапил. За Точка, Лина открива повеќе детали за закрепнувањето од повредата на раката минатата година, размислувања за иднината и другите нешта кои го окупираат нејзиното секојдневие. 

Поради повреда на рачниот зглоб моравте да правите подолги временски паузи од тениските терени. Сепак, и покрај тоа изигравте неколку натпревари, каде постигнавте одлични резултати ... Не се откажувате лесно?

Минатата година почна одлично, но како што кажавте, поради повредата на зглобот не успеав да ги одиграм сите планирани турнири. Сепак, постигнав добри резултати особено на „Австралија Опен“, потоа во финалето на турнирот од 60.000 долари во Тунис, а освоив прво место на турнирот од 25.000 долари во Франција. Од планирани 25 турнири одиграв само 12. Но, од друга страна сум среќна што успеав да учествувам на сите четири гренд слем турнири, што е и сон на секој тенисер.

Сега веќе сте закрепнати од повредата, работите посебни тренинзи за закрепнување на раката. Дали тоа значи дека наскоро се враќате на терените во потполна форма?

Поминаа три месеци од операцијата на зглобот. Имав некои компликации, но веќе еден месец секојдневно работам вежби за зајакнување на зглобот и напредокот е очигледен. Сепак, се уште раката не ми е доволно силна за да може да ги поднесе напорите кои ги има во текот на еден официјален меч. Секој ден играм тенис (но, без користење на левата рака) и тренирам фитнес. Па, кога се ќе биде во ред со зглобот ќе почнам и со турнирите. Искрено, веќе ми недостасува адреналинот што го носат мечевите и турнирите.


Кои се Вашите долгорочни планови во однос на тенисот?

Поради повредата и операцијата моите планови мораа да бидат одложени, но здравје, се надевам дека брзо ќе се вратам на турнирите. Сигурна сум дека ќе бидам појака од било кога поради се што ми се случи во изминатиот период.

Тенисот како страст и професија го наследивте од Вашиот брат, кој прв почна да се занимава со овој спорт. Сепак, тенискиот рекет со текот на времето стана Ваша главна алатка за освојување победи. Среќна сте за овој избор?

Среќна сум затоа што го правам она што најмногу го сакам и го знам најдобро. Среќна сум што секојдневно запознавам нови луѓе и што на 23 години го прошетав скоро целиот свет. Искрено, не би можела да го замислам животот без тенис. Дефинитивно е една од најдобри одлуки во мојот живот, а за тоа сум им многу благодарна на моите најблиски што од првиот ден ме поддржуваа несебично.

На екраните или во очите на гледачот тенисот изгледа како лесен спорт, но всушност е еден од најтешките кој бара многу тренирање, техника, сила, енергија, кондиција... Што уште?

Се што набројавте мора да биде на највиско ниво, но со оглед на тоа дека е индивидуален спорт, една од најважните работи е психичката состојба на играчот. Позитивните мисли за време на мечот и мирната глава се исто толку важни колку и енергијата, кондицијата и се друго.


Каков беше Вашиот пат до успехот? Кој најмногу Ве бодреше да не „паднете“ пред искушенијата и да продолжите да се борите? 

МОЕТО СЕМЕЈСТВО! Има многу други луѓе кои веруваат во мене, но најблиските се мојот “ветер во грб” и сто отсто сум сигурна дека без нивната поддршка немаше да бидам онаа која сум денес.

Кои моменти од досегашните настапи ќе ги паметите како особено значајни, емотивно моќни?

Скоро во секое интервју ги споменувам моите навивачи од Австралија. Моментот кога излегов на теренот и кога почнаа да навиваат во еден глас е моментот кој никогаш нема да го заборавам. И по победите и по најтешкиот пораз во мојот живот тие беа позитивни, ме поддржуваа максимално. За мене тоа е еден од најзначајните моменти по турнирите.

Во неофицијалниот разговор ни откривте дека особено напорни се патувањата пред турнирите, кога се патува во далечни земји: различни временски зони, поинаква клима... Споделете со нас некои од тие искуства. Како се адаптирате, како се подготвувате? 

Тенисот е дополнително специфичен и тежок спорт токму заради овие работи: премногу патувања, промена на временска зона, различна клима… Едноставно немаме друг избор освен брзо адаптирање. Со текот на времето тоа станува навика. Минатата година, ако се сеќавате во Македонија имаше особено ладна зима. Денот кога требаше да патувам за Мелбурн, во Скопје беа измерени - 15 степени Целзиусови. По два дена патување слетав во Мелбурн на +40 степени Целзиусови, што е скоро 50 степени разлика. Првите два - три дена имав потешкотии на теренот, а и надвор од него, поради огромната промена на климата и временската разлика. Но, по неколку дена се беше во најдобар ред и без никаков проблем го започнав турнирот.

Како изгледа Вашето секојдневие, со сите тренинзи и други активности?

Особено напорно, морам да признаам (се смее). Мојот “работен” ден почнува во 7 часот наутро. Од 8 до 11 часот правам вежби за зглобот, а потоа од 11 часот имам кондиционен тренинг во теретана со мојот тренер. Фитнес тренингот трае околу час и пол. По куса пауза продолжувам на тенис, тренинг кој трае 2 часа. Имам работно време од 8 до 16 часот, како и повеќето луѓе (се смее). Во последниве 8 месеци сум дома и имам време за сите работи кои не можев да ги правам кога играв активно на турнирите. Можам повеќе време да поминам со моите најблиски и пријателите, што за мене е особено важно. Во последно време сум опседната со ТВ серии. По тренинзите гледам филмови, особено документарни. Во куси црти по цел ден сум на „Netflix“ (се смее).

Каков е Вашиот моден стил надвор од тениските терени? Што сакате да носите? Кои бои ги претпочитате? 

Во топлите денови сакам да носам шарени бои, но не се откажувам од црно – белите комбинации. Најчесто сум во спортска облека и во 99 отсто од моментите сум облечена во хеланки и маичка и дуксер, во зависност од времето. Тие се секогаш „Nike“. Секако, за вечерни излегувања или прослави обожувам да се дотерам, што би се рекло. Тогаш, луѓето околу мене се секогаш изненадени (позитивно секако) затоа што се навикнати да ме гледаат постојано во спортска облека.

Имате ли момче со кои ги споделувате сите овие моменти и кое Ве поддржува? 

Го имам моето семејство.


Поради исполнетиот распоред со турнири немам многу време за патување некаде, без тениски рекети. Во текот на годината можам да издвојам максимум 5 дена за да заминам некаде на летен одмор и најчесто сум во Грција, затоа што е најблиску. Но, благодарение на тенисот бев на преубави места кои веројатно никогаш не би ги посетила, ако не се занимавав со овој спорт. Таква е на пример, Јужна Америка. Во силно сеќавање ми се и Кина и Јапонија. Се надевам дека оваа година ќе отидам на турнири таму


Поради висината има особено силен сервис, а вели дека најмногу и прилега агресивен тенис (каков што игра Серена Вилијамс), што е реткост во женскиот тенис


Сите успеси


Има освоени осум ИТФ титули во поединечна конкуренција и 34 ИТФ титули во двојки. Претставувајќи ја Македонија во ФЕД купот, таа има 5 победи. Во 2013-та е прогласена за најдобра млада спортистка на Македонија од Сојузот на спортови на Македонија и Агенцијата за млади и спорт. Во 2016 година е прогласена за најдобра спортистка на Македонија од страна на Агенцијата за млади и спорт. Ѓорческа е првата македонска тенисерка која заигра на Гренд Слем во квалификациите на Отворено општество на САД, а во 2017 година, на Отвореното првенство на Австралија освои две победи во првите две квалификациски кола


Изборот за најдобри спортисти, каде Лина беше прогласена за спортистка на годината за 2016-та


Турнирот во Тунис, 2016-та


Пишува: Гордана Настевска Манасијеска
Фото: Бојан Стоилковски
Стајлинг, шминка и фризура: Фросина Фран Ангеловска 



Спонзорирани линкови

Маркетинг