Никој во ЕУ не сака целосно да се „замери“ со Русија, иако сите покажуваат солидарност со Британците во случајот Скрипал, коментираат германските медиуми и констатираат дека ЕУ неретко ја користи Русија како непријател, по што се обединуваат сите.
„Дојче Веле“ пренесува дека САД протерува 60 руски дипломати, Украина 13, Албанија двајца, Македонија еден, а вкупно 16 земји членки на Европската унија исто така ќе протераат од еден до четворица дипломати.
„Некој протерува еден, некој двајца, но никој повеќе од четворица руски дипломати. Сите учествуваат во акцијата, покажуваат солидарност со Британците, но никој не сака да оди до крај и да се замери целосно со Русите. Сега е прашање на време кога Русија ќе ги протера и нивните дипломати. Тоа владата во Москва мора да го направи за да го сочува образот“, оценува радио „Дојчландфунк“ од Келн.
Сепак, германското радио забележува дека никој не говори за стратегија за излез од ситуацијата и укажува на тоа дека „солидароноста со Велика Британија е добра, но исто така добра е и внимателната надворешна политика“.
„Франкфуртер Рундшау“ пишува дека сега „сојузот на САД, Германија и земјите на ЕУ се насочуваат кон ескалацијата и на нападот со отровниот гас на Скрипал реагираат со протерување на руски дипломати“.
„Исправно е што се изразува солидарност со Лондон и со тоа се зголемува дипломатскиот притисок врз Москва. Освен тоа, Западот демонстрира дека иако има несогласувања, сепак може да се обедини. Но, тука недостасуваат некои елементи, на пример - Германија можеше да посредува и на Путин да му однесе примероци од отровната супстанца“, пишува франкфуртскиот весник.
„Хајлбронер Штиме“ предупредува дека ситуцијата би можела да ескалира и дека голема е опасноста на крајот сите да бидат губитници, нагласувајќи дека многу проблематична е политиката на двојни аршини, затоа што додека „Русија е под санкции, Турција без пречки го продолжува походот против Курдите“.
Истовремено, „Келнер Штат-Ајнцагер“ пренесува дека иако може да се обвини Русија, сепак нема докази дека Кремљ ги вмешал своите прсти во оваа игра. Затоа протерувањето на дипломатите може тешко да се оправда, а за порадикални чекори како што се економските санкции не би имало основа.
„Сето тоа нема да го промени ставот на Кремљ кои што ја негираат секоја вмешаност во нападот со нервниот гас. Сега треба да следуваат противмерки на Москва. А тоа не доведува до прашањето: Што носи силниот знак на солидарност на Западот освен понатамошно нарушување на веќе лошите односи?“, оценува „Штутгартер Нахрихтен“.
„Фраје Пресе“ пишува дека заедништвото на Западот „боде очи“ при што наведува дека британската премиерка Тереза Меј во својата земја е под притисок поради „катастрофалното управување со излегувањето на Британија од Европската унија“ по што ѝ се закануваат избори каде што би претрпела голем пораз.
„А ЕУ? Тие се во најголема криза во последните неколку децении. Длабоките разлики меѓу 27-те земји не можат да се игнорираат. И така е употребен инструментот на политичката моќ - кога не оди на внатрешнополитички план, најди си надворешен непријател кој ќе не обедини. Русија отсекогаш била добар непријател“, заклучува германскиот весник.