8-ми Март: Јас сум жена и тоа е прекрасно!

Точка

08/03/2018

12:15

11.982

Големина на фонт

а а а

Нешто повеќе од еден век како е создадено Интернационалното женско движење чија цел е поголеми права за жените во професијата, еднаква плата со мажите, право на глас... Колку од тоа е постигнато, каде е жената денес, колку е еднаква во однос на мажот по сите овие прашања...?

Одговорот е релативен. И зависи за кои жени се зборува, односно зависи од нивната географска положба на Земјината топка. Додека на западната хемисфера сѐ повеќе жени застануваат на водечки политички и економски позиции, на Истокот не се отстапува од радикалните традиционални „закони“ каде жената нема право на образование, избор на партнер или начин на живот...  

Едно е најважно, дека сите ние имаме одредена улога во општеството – политичка, образовна, индустриска, родителска и граѓанска и затоа не треба да има бариери и предрасуди. Затоа што идејата како идеја нема родова определеност. Затоа, на Интернационалниот ден на жените, 8-ми Март, треба сите да размислиме како на подобро може да го промениме светот. За ова ни зборуваат три наши јавни личности, жени кои се успешни во својата професија и кои никогаш не отстапиле од сонот... - Гордана Настевска Манасијеска   

Ронит Бергман, музичарка: Родот не е причина да запреме со творештвото


[Фотограф: Дејвид Бахар]


Каков е Вашиот впечаток и мислење за позицијата на денешната жена во општеството? Дали жената успеа да се избори за повеќе права и за подобра професионална позиција или повторно сѐ е само една илузија?

Подобро е и станува сѐ подобро... Владеењето на светот не го гледам како некоја цел на жените. Женската моќ е овде, секогаш била и секогаш ќе биде. Позатскриена или повидлива... И преплетена е со машката есенција. Го правиме ли тоа што сакаме да го правиме? Таму сме каде што сакаме да бидеме? Повеќе од порано, мислам. Барем некои од нас. Ве поканувам да се сетите и да размислите за 30-те милиони жени и девојки робови во светот денес, или за 200-те милиони жени кои биле подвргнати на генитално осакатување... Загрижена сум за тоа. Загрижена сум за porn buds... Ме загрижуваат општества во кои жени (и девојки) се присилени да се омажат за тие што ги силувале само за да не им носат повеќе „срам“ на семејствата.


Од Вашата позиција и искуство како жена музичар, дали се чувствувате подеднакво почитувана од публиката и од колегите?

Родот не е причина за да правам или за да не правам нешто. Музиката и уметноста го допираат срцето независно од родот на нивниот творец. Во музиката во која сум има провокативно повеќе мажи отколку жени, но бројот на жени постојано расте и тоа не само како пејачки и музичарки, туку во сите области од музичката индустрија, како продукцијата, инженери на звук, визуелна уметност... Навистина никогаш не сум се чувствувала ограничено „поради“ мажите. Некои од бендовите што најмногу ги сакам се бендови и со мажи и со жени.


Каков е Вашиот став за радикалниот феминизам?

Лично повеќе сум за радикален хуманизам отколку за радикален феминизам. За мене тоа не е војна, туку процес, еволуција. Можеби не во нај-најблиската иднина, но во иднина ќе постои рамноправност, ќе има природно разбирање и соработка - помеѓу родовите, помеѓу луѓето. Свесна сум за проблемите со кои радикалните феминистки се занимаваат, но моето гледиште е хумано, а не женско.


А, за аферата Вајнштајн која го стресе Холивуд?

Би рекла дека е Worldlywood (цел свет), не само Холивуд, зарем не? Мислам дека разоткривањето е корисно, но сигурна сум дека проблемот е на подлабоко ниво и разбирањето сѐ уште не е разрешено. Дури може и да предизвика скриени опасни компликации за сите инволвирани (како на пример: пософистицирани силувања со помош на дрога ... договори со бесмислени барања ... екстра насилни закани ... помалку природни соработки). Дали доведе до навистина поголема доверба, повистинско заемно почитување и разбирање? Не! Но, ова движење донесе многу добро и им помогна на многу жени, секако. Јавните егзекуции не се мој стил... Сепак, можат да бидат ефектни... Факт е дека исплаши многумина. Секако, работата е што стравот не е доволна причина за да не се стори нешто. Да не се стори тоа што е сосема неисправно треба да дојде од разбирање, од тоа навистина дека се увидува нешто, а не од страв од разоткривање. Постојано ми текнува на симболот на сфингата што упатува на тоа дека човештвото е „интелигенција во тело на животно“.


Имате живеено во повеќе метрополи во светот. Па, какви се импресиите од жените на Запад и жените тука кај нас во Македонија?

Всушност многу ми е тешко да одговорам на ова прашање. Мислам дека постојат силни табуа кои карактеристично можат да се наречат локални и некои од нив се однесуваат на родовите прашања, но главната работа е моќта што ја имаат табуата, а не конкретната тема. Може да се однесува на „родов карактер“ ако постои такво нешто, на релативно мал број жители, не знам. Исто така немам чувство дека тоа е добро или лошо нешто, но можам да го почувствувам.

„Кога Бог беше на работа, жената го создаде мажот“, поема од Ронит Бергман читана од Јасмина Илиевска-Марјановиќ

„Додека Бог беше на работа, жената го создаде мажот“
 

Во нејзината спална соба – Создавање маж
Засега не знаеме каде била оваа соба,
Но знаеме дека Бог се одморал во друга и таму ја оставил сама неговата дама.
Не знаеме дали тоа била област во неговиот ум, градина што тој ја создал за неа
Или била нејзина сопствена спална соба во Албукерки или во Рим.
Таа стана за да медитира со природата пред зори секој
ден –
и ги отвори очите за да види, дека нејзиниот Господ не
е тука.
Сиот животен век за неа, за него беше миговен блесок.
Нешто за кое Тој ја предупреди неа, ама таа никогаш не можеше да го сфати.
Сѐ што таа гледаше, сѐ за кое копнееше – беше негов
одраз,
заслепена од својата љубов, таа почна да го резба
неговото совршенство.
(Нејзините мисли беа толку силни, нивната густина
Нарасна до болка, алатка)
Нејзиното гледање се влоши и таа стануваше позбиена
во тварта
како што се криеше нејзината Божествена бестелесност.
Нејзината љубов кон нејзиниот Господ толку ја
инспирираше
таа мораше да го искаже тоа, бидејќи Тој беше заминат.
(Толку беше инспириран од неа, што насекаде сакаше
да создава повеќе Он)


На крајот од денот или годината или ерата, не е важно –
таа направи маж кој многу личеше на Него.

Нејзината љубов кон нејзиниот Господ беше блескава
светлина
и таа изрежа силуети за неа и за нејзиниот маж.
Мажот ја сакаше Жената, иако само телесно во плот –
нешто за кое Господ го предупреди Него, ама никогаш Мажот не успеа да досегне...


Господ стана пријател со мажот, тој го остави да си играат
бидејќи Он знаеше дека никогаш нема повторно да биде
исто како тој ден.
Си правеа друштво еден на друг во пијачка и мечти
додека Жената беше зафатена со шарени везови.
Шиејќи за Мажот илузии на моќта
само за да личи тој на нејзиниот Господ, нејзината кула.
Малку по малку, Мажот и Жената отпловија
отстапија од Бога, одделувајќи се од божественото,
поместувајќи се оттаде царството на светлината
тие се ускладија во Времето.
Набрзо Ултимативната состојба на Љубов
стана сеќавање, далечно –
тешко да се издржи во границите на телото,
а сепак, лепливо како катран.


И така, како што ги затвори очите
за да и одговараат на нејзината сонливост, сѐ се
материјализира.
таа знаеше, сѐ што и преостанува е сонот
и за да продолжи да тече, Мажот мораше да замислува
дека е нејзин Бог...


Вистинска илузија
Таа го залажуваше не само него, туку и себеси во
кладенецот на фантазијата
и оти беше благословена со огромното око на умот,
таа се согласи да се сосредоточи на реализмот
и на Царството, мавтајќи збогум.

Жената знаеше дека сѐ што има е илузија
и таа не сакаше да предизвика поголема збрка
така таа се преправаше дека мажот е Тој
и му ги даваше сите пофалби и можности да Биде.
Ја одржуваше светлината
во собата на надежта
чекајќи го враќањето на нејзиниот Господ
кој ќе се врати, по Неговиот Збор.


„Јас сум клучот скриен во твоето срце“
велеше Жената
а Мажот, иако мошне умен
веруваше дека ги напишал редовите на нивната
претстава...
Таа ги донесе нејзините приказни, што ги чуваше во
креденецот,
дијаманти и круна и купи тој да ја импресионира,
секаков вид нешта ќе донесеше од своите патувања
а таа ги носеше, за да му ги одвее проблемите.
И Жената правеше се за да го задоволи Мажот
да не му даде причина да се жали.
Тој никогаш не мораше да заповеда, дури ни да и каже
„слушај ме“
пурпурен чад танцуваше низ нивниот оџак.
Љубовта ги грееше, чекореа во оган
зборуваа во вода, ја усовршија желбата.
За Жената, која беше Божjа инспирација за создавање на
световите.


Елизабета Клинчаревска Младеновска, актерка: Се претворивме во Супер-жени


Успешна жена во Македонија е Супер-жена, што значи во 24 часа да одговори на сите предизвици во улогата на мајка, сопруга, домаќинка, сестра, ќерка, другарка, сосетка... и во сето тоа да биде позитивна, дотерана и успешна во својата професија. Притисокот е секојдневен, па често имам чувство дека кај добар дел на современите жени е и издржлив, затоа што го прифатиле како нормален начин на функционирање. Предизвикот да се успее во секој сегмент на денешната современа жена ѝ стана навика и секојдневие. Таа е незавина и самостојна! Но, постои тука едно големо НО. А, тоа е фактот дека кај нас многу жители, особено од руралните средини, функционираат според патријахалниот и заостанат принцип - да се слуша само зборот на таткото, сопругот или на синот. Воопшто не се посветува внимание на образованието, едуцирањето и професионалниот напредок на женските деца.

Добро е што како држава соработуваме со повеќе меѓународни организации во областа на родовата рамноправност, кои преку програмите за финансиска подршка на жените-претприемачи, посебните советувалишта за жени-жртви на семејно насилство и жртви на трговија со луѓе ги едуцираат граѓаните. Сепак, сметам дека ова е глобален проблем, зашто и во светски рамки гледано жените се уште се борат за нивните права и професионални позиции.

Лично, во мојата професија немам почувствувано дискриминација. Во Македонија таа не е секогаш само по родова припадност. На крајот, имаме уште долг пат за решавање на сите овие проблеми.

Јана Серафимова, новинарка и ТВ водител: Сепак живееме во машки свет


Би се согласила дека нештата се променети за разлика од минатото, во начинот на кој што се одбележува овој ден. Можеби порано начините да се одбележи биле поголеми, повпечатливи, почести… но, останува прашањето дали сето тоа било со вистинска цел – со оглед на тоа дека со текот на времето полека избледува.


Каде е жената во денешното општество? Дали сметате дека таа ги доби своите права или сепак, сѐ уште живееме во машки свет, односно во свет каде мажите го имаат последниот збор?

Им се восхитувам на успешните жени. Ги има во голем број, кои единствено благодарение на своите амбиции, талент, квалитети и упорност стигнале до позиција на најуспешни во своите професии – со што даваат исклучителен придонес во функционирањето на општеството. Сепак, мојот став е дека сѐ уште живееме во машки свет. Во секојдневието сѐ уште гледаме примери на прекршување на женските права за кои честопати за жал, се виновни самите жени.


Што забележувате Вие околу Вас во однесувањето на денешната жена и нејзината професионална позиција?

Во денешно време има голем број на жени кои успеваат да постигнат многу во својата професија. Гледам различни примери, и лично никогаш не би ги оправдала жените кои свесно одбираат да го прифатат или во полош случај искористат во сопствена полза фактот дека во дадена ситуација – како што рековме погоре машкиот збор е последен.


Дали го прославувате/одбележувате овој ден?

Никогаш не го прославувам овој ден. Го одбележувам, покажувам внимание и почит кон жените кои ми се најблиски и сметам дека треба да се сакаат и почитуваат себеси.


Многу превирања во последнава година во однос на сексуалната злоупотреба на жените. Холивуд е уште под афера... Каков е Вашиот став за тоа?

За жал, вниманието што тој случај го привлече кај јавноста е само еден – во низата на примери кои посочуваат на присутноста на сексуална злоупотреба на жените во секојдневието. Секогаш причината или околностите поради која една жена би се нашла во таква ситуација е различна. Затоа не земам за право никого да осудам, но тие постапки сепак ништо не може да ги оправда. Би рекла дела е недозволиво за било која жена самата свесно да се доведе во таква позиција, да молчи, да смета дека така МОРА или така треба да бидe.

8-ми Март низ историјата...

Најраните случувања поврзани со овој ден се од 28 Февруари 1909 година кога во Њурјок е организиран голем збир на Социјалистичката партија на Америка. Една година подоцна, на Интернационалната женска конференција во Копенхаген, претставници на Социјалистите одлучиле да се одбележува Интернационален ден на жената и да се слави секоја година, со цел промовирање на еднаквите права со мажите. Дури во 1913 година бил предложен 8 Март.

Зошто го славиме?

Целта била жените да бидат подеднакво почитувани во однос на трудот и исплаќањето. Но, ова и ден денес е чувствителна тема. Жените заработуваат 14 отсто помалку од мажите. Минатата година сето ова доживеа кулминација по #MeToo кампањата која се случуваше на социјалните мрежи и кога жените јавно ги открија и зборуваа за нивната сексуална злоупотреба.

Жените кои проговорија се познати од името Кршачки на тишината и се именувани за Личност на годината.

10 интересни факти за 8-ми Март:

1. Интернационалниот ден на жената се слави скоро низ целиот свет и ги инспирира жените во однос на нивните достигнувања, но во коренот на ова движење е кампања за подобра плата и право на глас во политичките избори;

2. Првиот Интернационален ден на жената е неофицијално одбележан на 28 Февруари 1909 година во САД по декларацијата на Социјалистичката партија на Америка;

3. За време на Интернационалната конференција на жените во Копенхаген 1909 година, Клара Цеткин лидерот на „Канцеларијата на жените“ за Социјалната демократска партија на Германија, сугерирала датум за официјално одбележување на денот на жената. Тогаш е избран 8 Март. Предложила секоја година во секоја земја треба да се прославува на истиот ден;

4. Во 1911 година за прв пат почнал да се прославува овој ден во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија, но првично на 19 Март. Над милион луѓе биле собрани и ја учествувале во кампањата за подигање на правата на жените за гласање и поголема плата и завршување на дискриминацијата;

5. Во 1913 година овој ден бил прогласен за неработен ден во тогашниот Советски Сојуз;

6. Подоцна Интернационалниот ден на жената е преместен на 8 Март и глобално е прифатен како ден на жената;

7. Во 1975 година, Обединетите Нации за прв пат го спонзорирале одбележувањето на 8 Март;

8. Америка денес цел месец Март го прославува како Историски месец за жената;

9. 8 Март е официјален празник во 15 земји, вклучувајќи ја Кина, Украина и Виетнам;

10. Во изминативе неколку години „Гугл“ графички го одбележува денов со “Google Doodle” for International Women's Day, менувајќи го логото на пребарувачот.

Дванаесет инспиративни жени кои доследно го живееле својот сон

- Елизабет Блаквел (1821–1910) е првата жена доктор во Америка. Одбиена од многу училишта заради нејзиниот пол, на крајот била примена во „Женева медикал колеџ“, Њујорк, каде морала да ги трпи дофрлањата од машките колеги и професорите. Тие сметале дека таа треба да ги напушти предавањата за репродуктивна анатомија за да ја заштитат од „деликатната сензитивност“ на предметот. Но, Елизабет не се грижела за тоа и станала една од најпознатите светски гинеколози.


- Ени Смит Пек (1850 – 1935) е жената која ги искачила највисоките планини во Европа, а потоа и во Јужна Америка. Во 1908 година била прогласена за првата жена која го искачила највисокиот врв во Перу, Хускаран, стекнувајќи интернационална слава. Била и влијателна професорка и автор и напишала бројни книги и одржала илјадници предавања низ светот. Се искачувала до својата 82 година.


- Мери Лу Вилијамс (1910–1981) била пијанистка и една од нјајвлијателните музичари и композитори во првите три декади од создавањето на џез музиката. Професионално настапувала уште од својата 12-та година и имала силно влијание на „Канзас сити свинг“ биг бенд џезот и би-боп звукот, пишувајќи разновидна музика. Била вистински бунтовник во душата.


- Аболиционистката и поборничка за правата на жените Соџрнер Трут (1797–1883) била особено вешта со зборовите. Кога политичарката Хериот Стентон Блеч ја запрашала: „Соџрнер дали знаеш да читаш?“ Таа и одговорила: „Ох, драга не знам да читам мали нешта како што се писмата. Јас читам големи нешта како што се мажите“.


- Ада Ловлес (1815–1852) била математичарка и фудбалерка, која ја напишала првата компјутерска програма заедно со Чарлс Бабеџ. Работеле на планот да создадат прото-компјутер, аналитичка машина.


- Биатрис Потер Веб (1858–1943) е социјална реформаторка, економистка и историчарка која заедно со сопругот Синди сакале да ги подобрат условите за сиромашните.


- Лилиан Бленд (1878–1971) новинарка и авијатичарка живеела возбудлив живот. Во 1910 година во Ирска го изградила нејзиниот авион. Наместо класичен полнач за гориво, користела празно шише виски и старата труба на нејзината тетка. Имала интересни хобија како: пушење, носење пантолони, карате, возење автомобили и пцуење. Се пензионирала во Корнвал каде постојано се коцкала, пиела алкохол и сликала.


- Етел Л. Пејн (1911–1991) била исклучително добра новинарка која истражувала за Американското граѓанско движење. Како членка на прес телото во Белата куќа, на една конференција гласно го опцула претседателот Ајзенховер, инсистирајќи од него да одговори на нејзините прашања. Оттогаш тој постојано ја игнорирал. Во нејзината долга кариера во „Чикаго Дифендер“ весникот, пишувала стории од целиот свет и во 1971 година станала првата Африканско-Американска коментаторка на националната мрежа на „Ци-Би-Ес“.



- Мурасаки Шикибу (973–1025) била дворска дама во Јапонскиот царски суд во Хеианскиот период и го напишла првиот роман во историјата на човештвото насловен „Приказните од Генџи“. Нејзиниот татко се воодушевувал на нејзината интелигенција, но сепак никогаш не била доволно почитувана само заради тоа што била жена. Во својот дневник напишала дека научила кинески јазик од разговорите што ги слушала преку вратата и од лекциите кои татко и и му ги давал на брат и, зашто на жените не им било дозволено да учат други јазици.



- Нели Блај (1864–1922) била влијателна новинарка која се занимавала со истражувачко новинарство и која напишала пионерски стории за политичката корупција и сиромаштијата. Еднаш изглумила лудило за да влезе во ментална институција во Њујорк само за да види што таму навистина се случува. Со текстовите што ги објавила постигнала реформи во овие установи. Љубоморните машки колеги ширеле гласини дека нејзините текстови се лажни, но Нели воопшто не се обѕирнувала на тоа.


- Нзинга Мбанди (1583–1663) била Кралица на Ндонго и Матамба (денес Ангола). Таа ја презела моќта над државата по смртта на нејзиниот брат Нгола во 1624 година и стекнала интернационална слава за нејзиното брилијантно познавање на дипломатијата, воената тактика и игнорирање на сѐ она што не и се допаѓа. Со нејзините вештини во војувањето, шпиунажата, трговијата и религијата ја спречила колонизацијата на Ангола од страна на Португалија. Кралица во буквална смисла на зборот.


- Хејди Ламар (1914–2000) е австриско-американска актерка и инвентор, која ја измислила таканаречената "frequency hopping" техонологија, која овозможува сокриена комуникација и безжичен пренос на информации, со што ја поставила основата за развод на ВИ-Фи и Џи-Пи-Ес технологијата.




Спонзорирани линкови

Маркетинг