Интервју со Бојана Фабел: Новиот живот во Скопје

Точка

07/03/2018

11:35

11.112

Големина на фонт

а а а

Кога талентот за пеење и создавање музика се поткрепува со духовна будност и емотивност, тогаш музиката добива сосема поинаква димензија – длабока и допира многу слушатели.

Тоа е единствениот избран пат на живеење и создавање уметност на џез поп пејачката Бојана Фабел, која настапила на повеќе интернационални сцени, а кај нас е позната по уникатната изведба на џез мелодиите. Песната „Љубовно знаење“ е нејзиното ново дело, кое деновиве се врти во радискиот и интернет етер.


Нејзиниот дом е огледало на сензибилитетот и содржи мека, позитивна и смирувачка енергија. Секој предмет има свое место и причина зашто е поставен таму. Се е во баланс. Разновидните искуства и искушенија кои ги доживеала, престојувајќи во Лондон и Сингапур ја научиле дека најважното е да го негува мирот во себе. Мирот во душата. Духовна, физичка и емотвна хармонија од која потоа ги создава песните. Без воздржување сосема отворено Бојана зборуваше за годините поминати во Лондон, каде напорно работела и учела, психолошкиот колапс што и се случил од преголемата амбиција, враќањето дома во Скопје, патувањето во Сингапур и среќавањето на нејзиниот гуру Моханџи, кој го променил нејзиниот живот и перцепцијата на светот.

Лондон во срцето

Со насмевка не пречека во нејзиниот дом во центарот на Скопје, каде престојува во текот на зимските месеци, додека во летните е во куќата на родителите во скопското село Петровец. Повод за овој разговор беше секако новата песна насловена „Љубовно знаење“ и музиката што ја создава, но начнавме и многу други теми од животот. Едноставно невозможно беше да се задржиме на една тема, заради нејзината отвореност и желба за споделување на сето она што го доживеала. Почнавме од Лондон, градот во кој минала 10 години, каде ги завршила студиите на „Лондон колеџ оф мјузик“ или „Универзити оф Вест Лондон“ и каде стекнала многу пријатели.

- А, што да се каже за Лондон?! Тој е посебна приказна за мене. Ако не ги доживеев тие години и искуства никогаш немаше да бидам она што сум денес. Тоа е времето на мојот живот. Колку многу може да се „порасне“ како човек и како уметник ако се живее во таков голем град, каде секој трча и се бори за своето место и во сето тоа нема агресија. Секој секому помага, со секој може да се стапи во контакт и тоа оди едноставно. И нема фрустрација дека нешто не можеме да направиме – ни раскажа Бојана, додавајќи дека сака да го побие мислењето на луѓето тука кај нас дека многу нешта не се можни.

- За ништо во животот не смееме да одиме со мислата: „Јас ова нема да можам да го направам“. Не! Лондон ме научи дека се е можно - додаде.


Таму запознала луѓе од различни земји, со кои и денес комуницира и ѝ доаѓаат на гости. - Ако ми го отворите срцето – ни рече шеговито Бојана – ќе забележите дека на едната страна пишува Лондон. За неа тоа е преубав град за уметници, каде се напредува без големи очекувања.

За време на студиите имала повеќе настапи во клубови и на големи фестивали. Еден од нив бил и на натпреварот организиран од неколку универзитети, каде ја претставувала својата држава со македонска песна. Тогаш се создало и нејзиното уметничко име Фабел, што значи судбина.

- Ја претставив мојата земја со песната „Џелем Џелем“ во џез аранжман, ја испеав со силна страст и победив по гласање на публиката. За мене беше тоа голем успех, неверојатно искуство кое ми даде мотивација за понатаму – сподели таа.

Но, тие студии и животот во Лондон чинеле многу и за да може да си ги дозволи паралелно и работела. Ни раскажа дека ѝ се случувало да работи и по четири месеци без ниту еден слободен ден, па ни раскажа: - Одев на работа, па на факултет. Имав голема мотивација и амбиција. Нешто во мене ми велеше дека мора да се изборам. Дека само така можам да го добијам она што го посакувам како пејач и како уметник. И имав голем бенефит од сето тоа, оти се здобив со сигурност на сцената. Вистинска сигурност. Веќе не се плашев и не бев колеблива. Не се плашев од грешките, туку учев од нив. Но, сето тоа ме чинеше многу по моето здравје и морав да се вратам дома за да одморам.

Сингапур ми даде можности, но сепак си дојдов дома 

Напорот кој го вложувала во студиите ја исцрпил и физички и емотивно и одлучила да се врати во Скопје, за да закрепне. – Сепак студирав без стипендија, без никаква друга финансиска помош. За сè се грижев сама. Во еден момент се почувствував многу уморно. Наместо порано да се вратам во Скопје и да одморам неколку месеци, јас продолжив со интензивното темпо на работа уште една година сè до моментот кога доживеав потполно „горење“ и здравствен колапс. Цела една година немав глас и мислев дека никогаш повеќе нема да пропеам. И сето тоа од преголема амбиција – ни раскажа Бојана.


Во животот мора да ја негуваме духовната сфера од нас затоа што е особено важна

Од емотивниот и физички крах што го доживеала во Англија, кога се вратила во Скопје доживеала уште еден шок - оддеднаш ѝ се сменил целиот начин на живеење.

- Сè ми беше чудно, ништо не можев да сфатам, со никого не сакав да разговарам. Имав тешки две години. Не можев да се навикнам на животот тука и одлучив да заминам за Сингапур, каде живеев една година. Таму повторно ѝ се вратив на џез музиката. Влегов во џез сцената, ги запознав вистинските луѓе. Таму ја сретнав Ивет Тиенца - позната тамошна џез музичарка и професорка. Ме слушна како пеам и ме зеде да ѝ бидам помошен вокал и оттогаш не ме пушти – со насмевка нѝ кажа.

Заедно ги посетувале тамошните џез клубовите и биле дел од многу џем сесии. Успеала да настапи и во познатото „Монтро“ џез кафе, едно од најдобрите места за овој тип музика. Била дел и од „Сингапур џез фестивалот“ каде лично ги запознала светски познатите пејачи: Шака Кан, Јусуф Н‘дур, Есперанца Спалдинг и групите „Еарт, винд анд фајр“ и „Инкогнито“.

- Интересен момент кој ќе го паметам цел живот е мојот настап по завршувањето на фестивалот. Истата вечер се организираа џем сесии каде настапуваа многу музичари. Таа вечер се чувствував толку уморна што сум заспала на столчето, а требаше да пеам. И во 4 часот наутро промотерот ме разбуди и ми вели: „Бојана, ти си на ред...“. Погледнав околу мене, но немаше никој, освен двајца-тројца упорни слушатели (се смее). Застанав на сцената и почнав да ја пеам познатата „Тејк фајв“... Импровизирав додека пеев со затворени очи и по неколку минути ги отворив очите и видов дека пред мене има бројна публика, меѓу која и директорите и финансиерите на фестивалот. Дојдоа и ми честитаа за изведбата – Бојана ги сподели сеќавањата.


Гуруто кој ми го промени животот

Сите тие искуства ги доживеала за кус период, па кога повторно се вратила во Македонија не знаела што со себе. И што со сето тоа искуство и знаење. Иако имала можност да остане во Сингапур избрала да си дојде дома, затоа што не можела да се навикне на тамошниот начин на живеење за што ни кажа:

Тоа е посебен, нереален свет. Никаде во светот не се живее така како таму. Имам опција повторно да заминам таму и да почнам нов живот. Но, се уште размислувам за тоа. Тогаш ќе треба да станам бизнисмен, а не уметник. Затоа што таму основата за се е бизнис.

Еден ден на „Фејсбук“ профилот на еден нејзин пријател видела интересно видео за Гуру од Индија. Ја заинтригирала содржината и почнала да истражува и така дознала за Гуру Моханџи, кој во тој период најавил и гостување во Скопје. Го посетила предавањето, го слушала како зборува и била воодушевена од неговата смиреност.

- Посакав и јас да ја поседувам и почувствувам. Комуникацијата со него ме промени. Од таа вечер, почнав да спијам како дете. Велат дека доволно е гуруто со очи да те погледне и духовно да те трансформира, ако е тоа кармички дадено во тој момент. Мене ми се случи токму тоа. Ми се врати мирот и чистината каква што чувствував во детството. Бев среќна без особена причина. И тоа цела една година. Медитирав редовно и почнав да чувствувам радост. Ми беше задоволство и верував дека сè ќе биде во ред. Го чувствував тоа. Извираше од мене. Така изчезнаа и сите здравствени проблеми кои ги чувствував – отворено ни зборуваше таа.

Навистина е тешко, вели Бојана, да се објасни тоа чувство на среќа и поврзаност, па ја спореди со љубовта што ја чувствуваат мајката и детето еден кон друг. Оттогаш навака, што и да прави, го прави без големи очекувања и ужива во целиот процес.

- Нервниот систем ми е потполно смирен. Престанав да јадам и месо, но не заради тоа што некој ми кажал така, туку затоа што тоа природно ми дојде. Почувствував дека ако сакам духовно да напредувам, морам да исфрлам некоја тежина од телово. А тоа беше да не консумирам повеќе месо затоа што таа намирница има енергија што влече надоле - додаде.

Сега е со смиреност посветена на музиката, на настапите и ужива во сегашниот момент.

Многу сум емотивна и отворена. А, кога си отворен енергетски и духовно секој може да допре, па луѓето ми велат дека тоа не е добро за мене. Ама јас им велам дека сум среќна што сум таква


Сите ми велат дека многу го менувам изгледот, но навистина не знам што е тоа што делува толку трансформативно затоа што во последниве 15 години имам променето само две бои на коса: црвена и руса 


Превкусни колачи за добредојде на екипата на „Точка“


Фотографијата на гуру Моханџи има централно место во мојот дом. Запознавањето со него ме промени во најубава смисла на зборот


Секое парче накит е внимателно избрано да одговара на мојот стил


Постер од настапот во Лондон, каде ја претставив Македонија и по гласање на публиката ја освоив првата награда

Украсот во форма на ут го купив во Сингапур. Изработен е од дрво и има преубава тиркизна боја


Соодветно место во домот имаат и статуетките на Буда, кои може да бидат и споени и одвоени


Некои од моите омилени мелодии ги имам и на хартија


Марамите накитени со златни и сребрени парички ги носам скоро на секој мој настап. Едната е од Сингапур, а другата ми е подарок од Либан




Кога ми се случи духовното отворање, сфатив дека депресијата не е депресија, туку е камен, лушпа која треба да пукне. И нашите механизми меѓу кои и егото и другите тешки енергии, стравови, убедувања треба да се скршат. Тогаш душата се мачи многу. И токму во тие моменти сме најблиску до својата душа. Класичната медицина не знае како да се справи со тоа, затоа што тоа е духовна болка. И тоа што млади луѓе ги трујат со години со разновидни лекарства е голема, голема грешка



Спонзорирани линкови

Маркетинг