Петгодишниот Ефтим заедно со неговиот помал брат, 3-годишниот Христијан, засега не можат да сметаат на помошта од нивната мајка, Ирена Танчева, поради нејзината неподвижност настаната како последица од катастрофалната сообраќајна несреќа што се случила утрото на 27 април, кога ги носела во градинка.
Екипа на „Макфас“ и „А1 он“ го посети семејството Танчеви во нивниот дом во струмичкото село Самоилово, каде што ни раскажаа детали за несреќата што од корен го променила нивниот живот. Трагедијата се случила на регионалниот пат помеѓу струмичкото село Самоилово и општината Ново Село каде што Христијан и Ефтим секојдневно одат во градинка. Додека Ирена го управувала своето возило, во кое биле и двете малолетни деца, несовесен возач ѝ го пресекол патот по што настанала сообраќајката во која, за среќа, Христијан и Ефтим поминале само со гребаници.
Подебелиот крај од несреќата го извлекла Ирена, која веднаш била пренесена во болница, но поради голема повреда на белодробните крила, не можеле веднаш да ѝ го оперираат вратниот дел, што предизвикало таа да остане неподвижна. Подоцна на Ирена ѝ е извршен оперативен зафат на петтиот и шестиот вратен прешлен, но нејзините нозе останале парализирани.
Ирена била префрлена на КАРИЛ каде што одлежала 40 дена од кои првите 25 по несреќата била во кома и не се сеќава на ништо.
„Ги замолувам сите хумани луѓе да донираат за пак да застанам на нозе, за моите деца повторно да се радуваат, сакам да бидат среќни како и другите“, вели Танчева.
Постои можност Ирена повторно да застане на своите нозе и да се врати во нормален живот, но за тоа се потребни 90 илјади евра за операција и понатамошен третман, кој би се одвивал во 3 фази, од кои секоја чини по 30 илјади евра. Доколку се собере оваа сума, оперативниот зафат и рехабилитацијата ќе се спроведат во руската болница „Неуровита“. Лекарите од Москва велат дека доколку сè се одвива по планот, големи се шансите Ирена повторно да прооди. Но, доколку не се собере потребната сума, Танчеви ќе мора да платат 10 отсто од целокупната парична вредност на планираниот рехабилитациски процес.
Сопругот на Ирена, Марјан Танчев, е невработен. Тој во име на целото семејство им благодари на хуманите граѓани кои до сега имаат донирано за операција на неговата сопруга, но испраќа молба и до Фондот на Република Македонија да им помогне во реализирање на целта.
„Тешко се снаоѓаме со две деца, јас не работам, не примаме ниту социјална помош. Лекарствата што ги купуваме чинат многу пари, често одиме во Клиничкиот центар во Скопје, имаме доста патни трошоци, а дополнително и паркингот на Клиника, за кој додека бевме таму дадовме околу 2 илјади евра“, вели Танчев.
Телефони за донација:
ТЕЛЕКОМ 070-143-115
ВИП/ОНЕ 143-500