Смеата го продолжува животот, велат. Често се наоѓаме во момент кога сакаме да гледаме некоја добра комедија и да се опуштиме по напорниот ден, а неретко се случува да немаме идеја и да лутаме барајќи добро филмско остварување кое ќе не расположи.
За да не губите време во потрага, ние го прашавме нашиот актер и стендап комичар, Сашко Коцев, за неколку филмски предлози кои ни гарантираат смеа и уживање. Човекот со способност да ја насмее публиката до солзи, ни препорача шест комедии за сите љубители на овој жанр. На вас останува да си земете грицки, пијачка и добро да се изнасмеете.
Еди е четириесет-годишен сопственик на продавница за спортска опрема и е се уште сингл. Шест недели откако неговата поранешна девојка се мажи, тој ја запознава Лила, која се чини предобра за да биде вистинска. Под притисок од својот татко и најдобриот другар, тој ја запросува Лила и се венчаат по само шест недели. По кратко време, открива дека однесувањето на неговата сопруга е кошмар за него и дека таа има повеќе багаж од што тој може да поднесе. Таа е незрела, будалеста жена, која должи многу пари. На нивниот меден месец во Кабо, Еди ја запознава Миранда, многу приземна девојка која е таму на посета со својата фамилија. Искрите меѓу нив се разгоруваат и Еди се заљубува во неа. Трик прашањето е како Еди да го прекине бракот со лудата Лила, додека ја крие вистината за неговата посета на Кабо пред Миранда.
Бренан Хаф и Дејл Добак се на четириесет-годишна возраст кога мајката на Бренан и Таткото на Дејл одлучуваат да се венчаат. Бидејки синовите се уште живеат со своите родители, приморани се да делат заедничка соба. Одбивноста која ја чувствуваат еден за друг, сега е закана за мирот и врската на своите родители. Од таа причина таткото им поставува услов: И двајцата синови мора да најдат работа во рок од една недела. Покрај потрагата по работа, љубовта кон музиката води до нивно пријателство, но и поголема семејна драма. Прашањето е дали од овој семеен неред може да се создаде хармонија.
Откако возачот на М. Балон е пронајден мртов, инспекторот Жак Клозе е првиот кој се наоѓа на местото на настанот. Сите докази наговестуваат дека Марија Гамбрели, куќната помошничка, е всушност убиецот. Клозе кој е привлечен од младата девојка, е убеден дека таа нешто крие. Затоа, ја ослободува од затвор и започнува тајно да го следи секој нејзин чекор. Работите не се одвиваат како што инспекторот сака, нови жртви и понатаму се појавуваат, а Марија секој пат излегува како виновник за истите. Нетолерантниот шеф на Клозе, Чарлс Дрејфис, го губи умот со секоја нова жртва која се појавува. Инспекторот и понатаму продлжува да предизвикува неволја без да е свесен за истата.
Сет, Еван и Фогел се тројца тинејџери кои сакаат да пијат и се очајни за да легнат со девојка. Една девојка која навистина многу му се допаѓа на Сет го поканува на нејзината забава, а тој тоа го гледа како одлична шанса за таа да стане негова девојка. Триото прави план за тоа како да набави алкохол за забавата, вклучувајќи ја лажната лична карта на Фогел. Работите не тргнуваат на добро за ова трио, откако тие се разделуваат и не можат да најдат начин да набават алкохол за забавата.
Питер е композитор и симпатичен „лузер“ кој е потиштен откако неговата девојка Сара, по пет-годишна врска го напушта. По многу плачење и молење, неговиот полубрат Брајан му предлага да одат на Хаваи. Откако пристигнуваат во Оаху, Питер ја сретнува Сара и нејзиното ново момче, Алдус, кој е перверзен англиски рокер. Плачките по Сара продолжуваат се до моментот кога Рејчл, внимателна девојка која работи во хотелот, го поканува Питер на дружба.
Фреди Бенсон, „човек од доверба“, живее од парите на жените кои ги залажува со своите приказни за неговата судбина. Еден убав ден во Beaumont-sur-Mer, тој го запознава Лоренс Џејмисон, кој ја разработува истата шема и живее на грбот на богатите жени со кои излегува, но во сосем друга лига. Со веќе стекнатото знаење за оваа професија, Фреди инсистира да научи нешто повеќе за тоа како треба да се однесува во повисоките кругови. А кој ќе го научи подобро од Лоренс? Кога веќе се доближува крајот на нивната дружба, Фреди решава да остане уште малку подолго. Бидејќи градот во кој и двајцата работат е многу мал, тие договараат една спогодба: Кога еден од нив ќе заработи 50.000 илјади долари од една млада жена, другиот мора да си замине од градот. Сумата не му одговара на Лоренс, а годините на дамата не му одговараат на Фреди. Tука играта започнува.