Походот на Ердоган против Курдите во северна Сирија лесно може да му се удри од глава, смета аналитичарот на британски „Гардијан“, Сајмон Тисдал.
Пркосејќи им на САД, Русија и Сирија на чело со претседателот Башар Ал Асад, Реџеп Таип Ердоган ги нападна Курдите во Сирија. После интензивното артилериско и воздушно бомбардирање, Турција ја испрати својата војска преку границата.
Курдските единици за народна заштита "YPG" кои што беа формирани за време на граѓанската војна во Сирија со цел да го штитат невиното население од бруталноста на Исламската држава, сега се соочуваат со нов агресор. Тие бројат околу 10 илјади борци кои што досега немаат отстапено ниту педа. Тие порачуваат дека се подготвени до смрт да се борат за Рохава - легендарната курдска татковина.
Кога изби граѓанската војна во Сирија во 2011-та година, Ердоган со две раце го прифати планот на Западот за симнување на Асад од власт. Кога се појави ИСИС, Турците тврдеа дека уништувањето на Калифатот е нивна примарна цел, иако малкумина веруваа во тоа.
Но, од 2015-та година кога пукна примирјето со курдски "PKK" во Турција, Ердоган стана опседнат со "терористичката закана" која што доаѓала од Сирија и Ирак. Притоа тој не мислеше на озлогласената Исламска држава чии што борци непречено оперираа пред очите на турските војници на турско-сириската граница, туку на Курдите, пишува Тисдал во својата анализа за „Гардијан“.
Пропаднатиот пуч во Турција во 2016-та година и вондредната состојба која што беше воведена потоа, Ердоган ја искористи за замолкнување на сите свои политички противници, пред се про-курдските партии чии што пратеници и натаму се во затвор. Тој практично постигна договор со Русите и Иран, прифаќајќи го нивниот план за Сирија, па за возврат Русите ги затворија очите пред да ја нареди големата воена интервенција во Сирија во 2016-та година.
За Ердоган и турските националисти, автономниот (или уште полошо, независниот) курдски ентитет кој што би се протегал од северен Ирак до турскиот регион Хатај на западот, е вистинска ноќна мора, како и идејата да се прошири и на делот од кудската етничка територија на југоистокот на Турција - и повеќе од тоа. Спречувањето на едно такво сценарио повторно го натера Ердоган да ризикува.
Тисдал смета дека најголемиот проблем на Ердоган, ако се исклучат курдските борци, е тоа што интервенцијата не ја поддржува ниту една земја од големите играчи. И покрај тоа што тој испратил делегати во Москва и барал дозвола од Путин за интервенцијата, Русија изрази незадоволство.
Сепак, факт е дека Русите ги повлекоа своите сили од нападнатата територија, а сириското небо е под контрола на руските против-воздушни системи (Со повлекувањето на воената опрема и дозволувањето на турските авиони да бомбардираат, Русите практично го дозволија турскиот напад).
Асад е најбесен и јавно порача дека воено ќе возврати, посебно ако Ердоган нареди инвазија и на градот Манбиџ, второто силно упориште на Курдите. Сепак, сириските закани не се празни, со оглед на тоа што зад Асад цврсто стои Иран.
Тисдал смета дека Дамаск, Москва и Техеран попрво би сакале да го видат северот на Сирија под контрола на Курдите, отколку таму да владеат салафистички и џихадистички групи кои што пристигнуваат од Турција. Сепак, агресијата на Ердоган би можела да го загрози тоа. Досега, Турција можеше да се потпре на САД, но со администрацијата на Трамп односите помеѓу двете земји се заострија.
Односите помеѓу Вашингтон и Анкара веќе долго време се напнати - од визниот режим, преку користењето на воените бази на НАТО, па се до слабата борба на Турција против ИСИС. Секако, не помогнаа ниту обвинувањата на Ердоган дека САД го штити Фетулах Ѓулен кој според него е главен виновник за државниот удар во земјата.
Сепак, Ердоган најмногу го разбесни тоа што САД ги вооружуваше Курдите како свои сојузници во борбата против Исламската држава, но и од страв од можното враќање на Ал Каида на тие простори. Најавата дека САД планира да формира армија на Курди која ќе брои 30 илјади војници Ердоган ја доживеа како предавство и остварување на најголемите кошмари.
Стејт Департментот подоцна соопшти дека нивните изјави се погрешно сфатени, но Ердоган не се откажа. Започна инвазијата, а како што пишува Тисдал, се чини дека борбата против Курдите е мотивирана од внатрешнополитички мотиви. Во секој случај, Турција со ова се повеќе се движи кон меѓународна изолација, но Ердоган не се грижи премногу за тоа.