„Анима мунди“ бара итно да се казнат трујачите на животни

Макфакс

11/12/2017

12:48

941

Големина на фонт

а а а

Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ итно ги повикува институциите да ја смират јавноста, да извршат истраги на терен, во земјоделските аптеки, пазарите каде се купува отров и да ги санкционираат најстрого сите кои труејќи предизвикуваат јавна опасност и вршат строго казниво кривично дело.

„Во држава во која во текот на една вечер со нож се нападнати вработени во хотел, силувана девојка со ментална попреченост, украдени се пиштоли и пушки од продавница со ловна опрема, ловџија застрелал свој колега, дечко од 21 година бил крвнички тепан од страна на група лица, кои го удирале со клоци, тупаници и шишиња во пределот на главата и телото, најголема општествена закана стана инцидентен напад од едно куче испуштено на улица“, велат од здружението.

Според нив, „примитивци, насилници во моментов имаат главен збор, хараат низ градов и трујат се живо со отрови кои имаат капацитет да убијат и човек од 100 кила, а не деца и кучиња“.

Тие ги повикуваат сите граѓани да им достават податоци за потенцијални трујачи, како и информации за оние кои во јавноста повикуваат на линч на бездомните кучиња. „Сликајте ги јавните објави на сите насилници за да не ги избришат и доставете ни ги, а ние во секој случај каде имаме законска основа ќе поднесеме тужби“, велат од Здружение за заштита на животни „Анима мунди“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг