Прва реакција на Москва откако Ратко Младиќ беше осуден на доживотен затвор: Русија не е задоволна!

Точка

24/11/2017

09:30

3.736

Големина на фонт

а а а

Марија Захарова потсети дека Хашкиот суд во мај оваа година го одбил барањето за лекување на Ратко Младиќ во Русија, и покрај тоа што од официјална Москва биле дадени гаранции.

„Пресудата на Ратко Младиќ е продолжување на политизираниот и пристрасен курс кој што доминира во работата на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија“, изјави портпаролката на министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.

„Вештачката, еднострана и антисрпска интерпретација на трагичните случувања од 90-тите години во поранешна Југославија од страна на Хашкиот Трибунал го поткопува обновувањето на заедничката доверба во регионот на Балканскиот полуостров“, изјави Захарова, пренесува руската новинска агенција „ТАСС“.


Според нејзините зборови, Трибуналот е далеку од општите признати стандарди во обезбедување на услови за фер судење и основните права на живот, здравствена нега и медицинска помош.

Таа потсети дека во мај оваа година Хашкиот Трибунал го одбил барањето за лекување на Младиќ во Русија и покрај гаранциите на Москва.

Хашкиот Трибунал деновиве донесе пресуда и го прогласи поранешниот командант на војската на Република Српска, 75-годишниот Ратко Младиќ, за виновен за извршување на геноцид во Босна и Херцеговина.


На оваа пресуда се чекаше речиси две децении, а Младиќ беше обвинет за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите или обичаите за војување во Босна и Херцеговина од мај 1992-та година до пред крајот на 1995-тата година. Од тимот на одбраната веднаш порачаа дека ќе поднесат жалба, а синот на Ратко Младиќ, Дарко Младиќ ги пренесе зборовите на неговиот татко после изречувањето на пресудата.

Младиќ откако бил осуден на доживотна затворска казна порачал дека Хашкиот Трибунал е огранок на НАТО кој сака да ги криминализира Србите кои што се штителе од агресија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг