Заев: Месецов очекуваме интензивирање на преговорите со Грција

Макфакс

14/11/2017

09:40

867

Големина на фонт

а а а

Месецов очекуваме интензивирање на преговорите со Грција, изјави премиерот Зоран Заев, како одговор на новинарско прашање во однос на спорот со името, даден по средбата со премиерот на Република Словенија, Миро Церар​.

„Ова е навистина актуелно прашање и во Македонија. Логично беше по завршувањето на локалните избори, да се направи нов обид за решавање на овој суштествен или чувствителен проблем, кое што го има Република Грција со нашето уставно име, а коешто е истовремено пречка за нашите интегративни процеси. Процесите веќе почнуваат, на 20 или 21 Ноември очекуваме да се направи првата средба помеѓу преговарачите од двете земји, со медијаторот Метју Нимиц.

Во ноември очекуваме тие преговори да се интензивираат. Ние во Македонија се обидуваме да изградиме национален консензус, сите, Претседателот на државата, Владата, опозицијата, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување“, рече Заев.

Додаде дека Македонија гради пријателски односи и со Република Грција, и лично верува во решение на спорот.

„Македонија влегува во обид кој што се надевам дека ќе биде последен, со конечна цел, решавање на проблемот кој што Грција го има со нашето уставно име.“, заклучи Заев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг