Драгана Левенска: Не сакам маж кој ќе се обиде да ме промени, туку ќе ме прифати

Точка

17/10/2017

11:07

23.937

Големина на фонт

а а а

Сензуалноста и субтилниот сексапил и шарм никогаш не ги наметнувала, дури и ги прикривала што ја правело во очите на другите уште помистериозна, интересна и привлечна. Во ова време на интелектуална површност и плиткост, актерката во Македонскиот народен театар, Драгана Левенска негува длабока свесност за животот и професијата.

Работи интензивно на себе, на добрината на нејзиното срце, на прифаќањето на нештата и луѓето. Особено интересна личност, со уште поинтересни ставови, а токму таков беше и овој разговор за време на кој сподели многу нешта од секојдневниот живот што го води далеку од очите на публиката и јавноста. Ја посетивме на кафе-муабет во новиот стан во кој е неодамна преселена и каде ги прима само најблиските пријатели и соработници.


Пред неколку месеци го заврши и снимањето на филмот „Искушение“ во режија на Василка Аврамовска и копродукција со „Лондон филм скул“. Во ноември пак ја очекува снимањето на документарениот игран филм за кој откри дека носи вистинита длабока, емотивна, женска приказна од секојдневието. Во моментов е ангажирана во претставата „Тероризам“, која по година и пол пауза, повторно се враќа на сцената на Македонскиот народен театар, а продолжува и со улогите во претставите „Животот е прекрасен“, „Авантурите на Аладин“... 


- Грамофонот е мојот предмет во мојот дом, како и многуте плочи наследство од дедо ми Монко


Никогаш не се жалам за ништо

Секој млад актер вели Драгана треба да помине разновидни искуства и да добие на психолошка цврстина. Од нејзиното дипломирање на ЕСРА, па се до денес соработувала со многу режисери, домашни и странски меѓу кои Александар Морфов и Андриј Жолдак. Искуствата ѝ се различни, но секако скапоцени.

- Никогаш ништо не е лесно – ни кажа таа и продолжи: - Никогаш не сакав нештата да ги постигнам со леснотија. Ниту пак се жалам за тоа дека ми е тешко. Сите претстави се предизвик кога откриваме колку можеме да дадеме и издржиме. Театарските јазици се различни и затоа од секој може нешто да се научи. Секогаш го чувам само позитивното -.-.

Особено ужива во литературата, дури многу повеќе отколку во филмот. Сака да прочита сè и она што не спаѓа во нејзината омилена литература или жанр. Приоритет имаат психолошките романи и драми, зашто како што ни појасни не е тип што го чита Паоло Куелјо или слични автори.


- Немам ништо против таа литература, но заради трите години студии книжевност мојот пристап кон делата е подлабок. Студирањето книжевност ме описмени, ме направи позрела како личност и ми помогна да спознаам што точно сакам. Наспроти делата на Дубравка Угрешиќ, Оскар Вајлд, Орхан Памук и на психотерапевтот Александар Курпатов, извондредните руски втори како Толстој, Достојевки, Чехов, Пушкин, Булгаков, читам и стручна психолошка литература од која би го издвоила делото на Мицев, „Психоанализа на театарот“ – сподели Драгана.


Сепак, руската литература и е омилена за што искоментира дека во минатиот живот најверојатно живеела во Русија. Затоа и го сака студеното врем. Меланхолична е кога е сончево, а ужива кога е ладно и тмурно.

- Сакам кога имам проби, кога е напнато, кога сум под стрес, кога создавам и креирам нешто. Многу повеќе уживам во работните денови, отколку во слободните. Но, и кога имам многу работа научив да си наоѓам време за себе па си дозволувам масажа, козметички третман, фитнес или други лични задоволства

- Еднаш во годината, односно секое лето патувам во Малта каде живеат моите родители. Не сум премногу поврзана со нив, односно не сум ниту мамина, ниту татина. Одамна сум самостојна. Иако се далеку спокојна сум зашто знам дека таму се среќни и задоволни


Како актерка има нестандардно работно време. Некои месеци од годината се преполни вели со многу работа, и по 12 часа на ден особено кога подготвуваат претстава, а некои се пак порелаксирани и и овозможуваат повеќе време за себе. 

- Е, тогаш во деновите кога немам многу обврски во професијата буквално не знам што да правам со себе – смеејќи се ни кажа и додаде: - Тогаш имам многу време за размислување, анализирање на она што го работам и живеам. И сето тоа го правам додека пешачам. Таа активност ми значи релаксација, одмор, „полнење батерии“. Во тие минути додека чекорам низ градот ги повторувам и текстовите од претставите во кои играм. Така го наоѓам внатрешниот мир. Практикував јога, но не се пронајдов во таа дисциплина. По природа сум мирен карактер, не сум импулсивна, ниту покажувам неочекувани емотивни реакции и затоа ми требаше некоја активност која ќе биде подинамична, па избрав фитнес. Имам вишок енергија што ја трошам креативно

- Мојот инбокс на „фејсбук“ не ми е преполн со пораки од додворувачи. Лајковите на моите фотографии не ме прават среќна. Тие се само едно мало внимание, кое е минливо. Не се возбудуваме заради „лајковите“, среќна сум и без нив. Свесна сум дека не сум им на сите допадлива и тоа е во ред, зашто се работи за вкусови

- Во мојата кујна имам само здрава храна: многу овошје и зеленчук, кефир, јаткасти плодови, житарки... Секој ден наминувам во локалната продавница каде за да си ги купам омилените свежи плодови


- Не се будам со социјалните мрежи, ниту пак заспивам со нив. Денот ми почнува со пешачење низ скопските улички, а потоа пладневно кафе во омилените кафулиња „Цреша бар„ или „Тренд/Лондон“, а навечер сум во кафеаната „Сокаче“ кај мојата втора мама Цеце и нејзиниот сопруг Јохан


Без компромиси во љубовта 

Еден од омилените предмети додека студирала и бил психологија и психопатологија кога одреден период како дел од праксата поминала на одделот за психијатрија при Државната клиника во Скопје.  

- Гледав млади луѓе како губат волја за живот. Тоа ме тераше да размислувам за човекот и неговите мисли и чувства. Откако ги видов сите тие нешта поинаку гледам на животот. Сфатив дека не треба да се жалиме, туку да прифатиме и да продолжиме понатаму. Да го избалансираме нашето повредено его и да ги прифатиме нештата онакви какви што се. Во тоа е големината на човекот. На крајот на краиштата сè ни се случува со причина. За да научиме нешто – ни кажа.

Оваа година токму така и ги толкува нештата што ѝ се случиле и спознала дека најважно е здравјето. Во светот зборуваше Драгана се случуваат многу пострашни нешта, па затоа се срами да се жали за одредени непријатни ситуации или моменти кои се минливи и менливи.


Со текот на годините ги селектира и луѓето со кои се дружи. Сега има мал број блиски пријатели на кои им верува и со кои споделува сè.

- До скоро бев емотивно многу отворена и имав куп пријатели и познаници. Домот ми беше врвулица од луѓе. Тогаш душата ја ставав на мегдан. Сега останаа само оние вистинските на кои им верувам.

Кога веќе спомена блиски луѓе неизбежно беше да прозборуваме и за љубовта на што Драгана гласно и срамежливо се насмеа и ни откри дека во моментов не е во љубовна врска со никого.


Немам момче. Не дошол сè уште, иако чувствувам дека е време за љубов и семејство – беше искрена, и додаде: - Немам одреден тип на маж. Како жена сакам да се почувствувам сигурна кога сум со партнерот. Да биде тоа некој со кој ќе го пронајдам мирот. Кога тоа ќе го почувствувам, тогаш ќе знам дека тоа е ТОЈ. Мора да ја прифати мојата професија која е поспецифична од останатите зашто не сакам да правам повеќе компромиси во однос на љубовта, како што тоа го правев порано. Не сакам да изгубам нешто од себе само зада бидам со некој. Љубовта е слобода, а не поседување – сподели. 


- Шеширите се препознатлив дел од мојот стил. Како бебе мајка ми ми ставала разновидни шапки оти сум немала многу коса и ете со текот на времето се навикнав на нив и ги засакав. Носам разновидни шешири, шапки и капи, па дури и турбани, се чувствувам заштитено и своја


- Не ја почитувам модата. Имам свој начин на изразување преку облеката. Го носам она што сметам дека ми стои и не сметам дека само скапото е убаво. Често влегувам во обични продавници, каде нема брендирана облека каде си наоѓам преубави парчиња облека. Важно е како ги носиме и да сме чисти, негувани, со здрави заби, коса, кожа... Во мини здолниште нема да ме видите, ниту пак со длабоко деколте. Сметам дека колку е нештото поскриено, толку е поинтересно и посекси.



Простувам и не осудувам 

Убавината и добрината не се наметнуваат е нејзиното мислење. Смета дека сè што е наметнато е претерано. Така е и со знаењето. Не мудрува никогаш и повеќе сака да слуша, отколку да зборува. Зашто само така учи.

- Цел живот се дружам со повозрасни луѓе од кои многу се учи. Во нашата професија постојано се истражува и учи, оти секоја улога е откривање на нова личност. Ново „копање“ во себе – ни кажа.

Од многуте улоги што ги играла во овој контекст ја издвои улогата на Медеа во претставата „Жени од подземјето“ на режисерот Андреј Цветановски. Направиле интересна претстава каде ги „сместиле “ сите големи женски антички имиња како: Антигона, Електра, Медеа... и истражувале што се случува со нив отпосле, откако заминале во подземјето и се сретнале со Ад.

- Дали се каат за она што го сториле, дали сакаат да ги поправат грешките?! Ја играв Медеа и за прв пат се соочив со сериозен лик. Истражував многу за неа, читав, гледаав филмови, разговарав со мои пријателки кои се мајки... Тогаш за прв пат не брзав во однос на подготвување на улогата, туку седев во тишина, прелистував книги, размислував. За мене Медеа е една од најголемите грешници, која посегнала по животот на своите деца, за љубов. По таа изведба секогаш ми беше тешко. Се чувствував истоштена зашто се поврзав со ликот на Медеа, иако не ја оправдувам за она што го сторила. Таа е спротивност на сите нас – ни објасни Драгана.


Но, како и на Медеа, никогаш не ги суди ни постапките на другите или нивниот начин на живеење. Воспитувана е дека на светот постојат добри и лоши луѓе. Затоа не ги дели според верска, сексуална или било каква друга определеност . Еден од нејзините партнери, ни откри, со кој имала тригодишна врска е од муслиманска вероисповест. И ден денес е нејзин добар пријател.

- Тој многу ми помогна во животот. Имам и пријатели од различна вера и никогаш не сум немала предрасуди. Важен ми е човекот, а не неговата интима. И ако има добра душа и срце, ќе го сакам и почитувам -.

Затоа на сите им простува зашто од лично искуство открила колку е тоа здраво. Вели дека пред треба да си простиме на себе, а потоа и на сите оние кои сметаме дека ни погрешиле.

- Натрупаната негативна енергија од тагата и гневот треба да ја „исплукаме“ од себе, да ја фрлиме. Таа не гуши и не не остава да бидеме ведри и позитивни. Кога сме негативни таква енергија шириме и во околината. Верувам во енергија зашто и љубовта е тоа – ни кажа за крај.


- Благодарна сум за сè што имам. Се прифаќам себе си, своето тело, карактерот, сите маани и доблести... Затоа и сум среќна. Намерата постојано да изгледаме совршено и да бидеме нешто што не сме нè прави фрустрирани и несреќни. 

- Посакувам во блиска или скора иднина да имам син или ќерка. Време е за семејство


Пишува: Гордана Настевска-Манасиевска

Фото: Ивана Дракулевска

*екстра



Спонзорирани линкови

Маркетинг