„Анима мунди“ со листа на барања до градоначалниците

Макфакс

25/09/2017

23:32

799

Големина на фонт

а а а

„Анима мунди“, заедно со 11 здруженија за заштита на животните, испрати барања до кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори, кои очекуваат да бидат имплементирани во првата година од доделениот мандат.

„Бараме за решавање на проблемот со прекумерната бројност на бездомните кучиња, општината, односно кандидатот за градоначалник на секоја партија, да се обврзе да применува исклучиво стратегија на масовна стерилизација, како и бесплатна вакцинација и микрочипирање.

Во спроведувањето на програмата ја сметаме нужна соработката со сите здруженија за заштита на животните. Бараме градоначалниците јавно да се обврзат дека ќе овозможат учество на здруженијата во раководењето со стационарите, со што ќе се гарантира хуманоста кон животните, максимална транспарентност и доследност во спроведувањето на програмата.

 Во недостиг на соодветна инфраструктура усогласена со стандардите, правилникот за создавање транзитен центар или прифатилиште, бараме примена на алтернатива – ваучер-систем за бесплатна стерилизација во доменот на одредена општина или регион. Тоа би подразбирало да се ангажираат сите ветеринарни станици на ниво на локалната самоуправа или пошироко и дистрибуција на одреден број ваучери за стерилизација во сите ветеринарни станици за вршење бесплатни оперативни интервенции. Трошоците за интервенцијата и престојот на животните е на товар на единицата на локалната самоуправа. Ваквиот тип практика, по пат на ваучери за стерилизација, е најбрз и најлесен за имплементација отколку да се чека на изградба на соодветен транзитен центар, азил или прифатилиште.

Ургентното утврдување на забраната за движење запрежни коли со коњи во урбани средини, со што ќе се оневозможи злоупотребата на коњите на територијата на општината, им обезбеди поголема безбедност на граѓаните во сообраќајот!

Општината да промовира хуманост кон животните и одговорно сопствеништво преку едукација, позитивни кампањи, субвенционирање бесплатна стерилизација на миленици, а во соработка со здруженијата за заштита на животи и засегнатите граѓани. Создавање механизми за санкција на насилството врз животните, пред сè, масовните труења животни, како и механизми за превенција во насока на нивно сузбивање“, се наведува во барањата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг