Северна Кореја овие денови соопшти дека планира да изведе нов тест на нуклеарно оружје, но овој пат тестот ќе биде изведен „некаде над Тихиот океан“.
Поради ова, очите на светот сега се вперени во Пјонгјанг и се чека на следниот потег на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, додека пак од друга страна, САД се подготвува за секоја можна опција, а најдобар доказ за тоа се американските стратешки бомбардери кои што деновиве летаат во близина на Северна Кореја.
Станува збор за најголема ескалација во напнатоста досега, но сепак не може да се каже дека е неочекувана со оглед на однесувањето на севернокорејскиот режим во изминатите неколку години. Сепак, во меѓувреме, Американците од игнорирање, преминаа на возвраќање на заканите, па светот остана шокиран откако американскиот претседател Доналд Трамп, говорејќи на Генералното собрание на ОН, се закани со „тотално уништување“ на Северна Кореја.
Во меѓувреме, Северна Кореја незапирливо работи на развојот на балистички проектил кој што би можел да понесе нуклеарна боева глава, но и да долета до територијата на САД. После шест нуклеарни тестови и неколк тестирања на балистички проектили експертите се согласуваат - Северна Кореја е блиску до остварување на својата цел.
Според аналитичарите, Пјонгјанг моментално го фаворизира развојот на балистички проектил со кој што Северна Кореја сака да се пофали пред светот со својата најнова и најсофистицирана технологија. Но, што би се случило доколку Ким нареди извршување на најрадикалниот потег и тестирање на нуклеарна бомба на отворено, над Пацификот?
Без оглед на геополитичките последици на такво нешто, сигурно е дека учинокот на околината би бил страшен. Тие кои што живеат во близина на Бикини Атол каде што Американците кон крајот од средината на 20-тиот век во неколку наврати тестираа нуклеарно оружје, и натаму се борат со здравствените проблеми.
Експлозијата ќе го уништи рибниот фонд и животот во морето, а тоа ќе донесе страшни последици како по екосистемот, така и за жителите во околното подрачје. Во светот не е изведен атмосферски тест уште од 1980-та година кога Кинезите за последен пат детонирале такво оружје, велат од Институтот за истражување на меѓународниот мир од Стокхолм.
Жителите на Маршалските острови, каде што Американците исто така детонирале такво оружје, се соочува со големи здравствени проблеми и пореметувања. Слични ефекти се забележани и кај жителите на Француска Полинезија, а докажано е дека тестовите предизвикале појава на одрони на земјиштето, цунами и потреси.
„Штетата која што би ја предизвикал тестот во голема мера зависи од локацијата на детонацијата и за тоа какви се во тој момент временските прилики“, објаснува научникот Мелиса Ханам.