„Анима мунди“ бара забрана за ритуалното колење животни

Макфакс

07/09/2017

13:24

622

Големина на фонт

а а а

Невладината организација за заштита на животните „Анима мунди“ бара да се забрани ритуалното колење животни во Македонија бидејќи е спротивно на секој пропис за колење и убивање животни, со оглед на тоа што животните не се зашеметени или под седативи.

Според „Анима мунди“, овие ритуали предизвикуваат огромен стрес, страв и болка кај животните, што е спротивно на сите одредби од Законот за заштитата и благосостојбата на животните.

„Ритуалното колење е брутално и најчесто се одвива во јавност, буквално пред очите на граѓаните, спротивно на Законот за заштитата и благосостојбата на животните. Затоа ги повикуваме институциите веднаш законски да го забранат овој чин на територија на Република Македонија“, стои во соопштението на оваа организација. Со тоа, како што се оценува, ќе се заштитат граѓаните што не сакаат да гледаат сцени на насилство.

„Мора и да се има на ум дека и муслиманските верски принципи велат дека животните треба да се третираат на сочувствителен и милостив начин. Денешните толкувања на овие чувства водат кон недвосмислено одбивање на практиката на ритуално колење од страна на многу муслимански и еврејски заедници, како и од страна на многубројни муслимански заедници посветени на правата на животните и веганството“, тврдат од „Анима мунди“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг