Трет ден расправа за буџетот: ВМРО ДПМНЕ обвинува – СДСМ го брани ребалансот

Макфакс

04/08/2017

15:23

418

Големина на фонт

а а а

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и на третиот ден од собраниската расправа со критики за ребалансот на буџетот.

Пратеникот Драган Данев рече дека ребалансот е популистички, за вработување партиски послушници, и нема да донесе економски раст и предвидува нови задолжувања.

„Само пред неколку дена шефицата на дипломатијата на ЕУ ви кажа „не“ за партизација на администрација, но вие си терате по свое. Кратите од капитални проект за да вработите партиски војници. Нели стапката на раст ќе беше од 5 до 6 отсто, а вие сега предвидувате едвај 2,2. Кога бевте опозиција, критикувавте дека Македонија била високо задолжена, а сега вие со овој ребаланс имате предвидено нови 150 милиони евра, од кои 50 од дома и 100 милиони од странство. Наместо да ги поттикнувате инвеститорите да создаваат нови работни места, вие ќе им испумпате пари за реализирање популистички мерки, укинување радиодифузна такса, да им дадете социјална помош на стечајците“, рече пратеникот Данев. 

На неговиот говор пратеници од СДСМ излегоа со контра реплики и во одбрана на ребалансот. 

Според нив, овој ребаланс ги крати недомаќинските трошења и ги покрива, како што велат, финансиските дупки што ги оставила претходната власт. 

„Не е точно дека СДСМ и новата власт вработуваат партиски војници. Ние кратиме од недозволениот луксуз за скапи ручеци и патувања. Ве прашувам дали постои еден градоначалник од вашите редови кој успеал да управува со побарувањата и долговите. Не. Само во образованието има 350 милиони евра долг со кој треба да се справи министерот Тевдовски. Овој ребаланс е изнуден и треба да ги ублажи штетните политики што ѝ ги оставивте на новата Влада“, рече пратеникот од СДСМ, Бетијане Китев. 

Инаку, за ребалансот ќе се расправа уште два дена и се очекува в недела да биде усвоен откако претходно помина на комисиска расправа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг