Јанкулоска со треперлив глас: СЈО спроведува политичка агенда

Макфакс

21/07/2017

14:03

8.230

Големина на фонт

а а а

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, побара да ѝ се врати пасошот. Таа денеска се појави во Апелациониот суд каде на седница беа разгледани жалбите за предметот „Титаник“ во кој Јанкулоска е обвинета за четири кривични дела.

Специјалното јавно обвинителство останува на барањето за притвор. Обвинителот Гаврил Бубевски рече дека Јанкулоска се товари за создавач на група за злосторничко здружување.

„Сите околности укажуваат дека однесувањето на обвинетата е за целосна негација на СЈО. Само еднаш се јави во СЈО. Одбегнува да се појавува во СЈО за да ја одолговлечи постапката“, рече Бубевски.

Тој рече дека Јанкулоска е една од главните извршителки на кривичните дејствија. Тој рече дека обвинетата презела директни дејствија со кои вршела влијание врз сведоци и дека постои опасност и во иднина да влијае врз сведоци. 

Одбраната рече дека Јанкулоска била доктор на науки. 

„Опасноста за бегство е апстрактна“, рече Боро Тасевски, еден од четворицата адвокати кои ја бранат Јанкулоска.

Адвокатот Дангов Димитар рече дека во постапката против Јанкулоска предвид се зема изјава на друг обвинет кој потоа станал сведок.

Обвинителот Гаврил Бубевски, пак, рече дека сведокот стана соработник на правдата. 

Обвинетата Гордана Јанкулоска рече дека оваа постапка е позната во јавноста повеќе од 2 години и дека не сторила ниту едно кривично дело. 

„Работев во интерес на Македонија во институции кои се борат против криминалот“, рече Јанкулоска. 

Таа се пожали дека обвинителството ѝ дозволило само делумен увид во доказите. Ексминистерката рече дека одговорила на секоја покана на СЈО и дека едвај чека да почне судењето за да ја докаже нејзината невиност. 

Две години не сум влегла во МВР за имам влијание врз сведоци. 14 години вршам јавни функции, СЈО предлага мерки без никаква основа. СЈО спроведува политичка агенда. Не мислам да бегам. Фактите се на моја страна“, рече ексминистерката со треперлив глас.



Спонзорирани линкови

Маркетинг