Јанакиески: Лично го дадов телефонскиот број во СЈО, не влијаам врз сведоци

Макфакс

21/07/2017

12:47

2.175

Големина на фонт

а а а

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, обвинет во предметот „Титаник“ на СЈО, денеска се појави во Апелациониот суд. На седница се разгледуваше неговата жалба против одлуките на првостепениот суд да му биде одземен пасошот и да се јавува редовно во суд.

Специјалното јавно обвинителство, пак, ја обжали одлуката со која Кривичниот суд одби да му определи притвор на Јанакиевски.

Одбраната и обвинителството на седницата ги кажаа своите барања – адвокатите побараа да му бидат укинати мерките на претпазливост, а обвинителите повторно побараа притвор за ексминистерот кој е обвинет за четири кривични дела.

Обвинителот Бурим Рустеми рече дека бараат притвор за Јанакиски поради опасност од бегство и опасност да влијае врз сведоци и соучесници.

„Јанакиески има висока позиција во ВМРО-ДПМНЕ и постои веројатност дека ќе влијае врз сведоци. Јанакиески ја опструира истражната постапка за да не може да се поднесе обвинение“, рече Рустеми. 

Обвинителот достави неколку покани до судиите кои му биле испратени на Јанакиески, а на кои тој не се јавил. 

Рустеми пред Судот рече дека во јавноста излегол записник на кој стоело името на Александар Михајловски, кој е еден од реформаторите, од кој, како што рече обвинителот, се гледа дека како член на ВМРО-ДПМНЕ може да трпи влијание. 

Обвинителот им даде на судиите објави од медиуми за записникот од сведочењето на Александар Михајлоски. 

Aдвокатката Сања Алексиќ рече дека веќе еднаш Судот одбил да му определи притвор во 2016 година. 

Обвинетиот Миле Јанакиески рече дека лично го доставил телефонскиот број до СЈО и дека е достапен. 

Тој рече дека не ја опструира постапката.

„27 илјади страници докази не може да се прочитаат за кратко време“, вели Јанакиески.

Тој негира дека влијаел врз сведоци и рече дека ветува дека ќе се појавува пред судот кога и да биде поканет. 

Според ексминистерот, обвиненијата на СЈО се празни. 

Освен во „Титаник“ за изборни измами и манипулации, Јанакиески се јавува како обвинет во уште три предмети на СЈО. 

Претходно во Апелациониот суд беа разгледани жалбите на поранешниот премиер Никола Груевски и на поранешниот генерален секретар на владата, Кирил Божиновски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг