Димовски: Со ребалансот на буџетот се крати од капитални проекти за нови вработувања во администрација

Макфакс

20/07/2017

14:26

475

Големина на фонт

а а а

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и кординатор на првата пратеничка група Илија Димовски од собранискиот прес-центар рече дека ребалансот на буџетот е комплетно непродуктивен, неразвоен и ќе предизвика стагнација на економијата. Тој обвини дека со ребалансот власта крати од капиталните расходи, а за сметка на тоа зголемува средства за плати во државната администрација.

„Овој буџет е неразвоен и ќе ја врати економија назад, лош е и за домашните фирми и за странските инвеститори, за градежништвото. Нема средства за социјална помош, за зголемување на пензиите, за поддршка на младите, студентите и на учениците. СДСМ ветуваше стапка на економски раст од 6 до 7 проценти, а овој ребаланс проектира само 2,2 отсто. Ние сме сигурни дека нема шанси да се достигне ниту овој процент“, рече Димовски.

Пратеникот Димовски додава дека со ребалансот има предвидено нови задолжувања иако, како што рече, сегашната власт кога била во опозиција, постојано го критикувала. 

„СДСМ ги лажеше граѓаните и критикуваше дека сме задолжени, сега се задолжи 70 милиони евра за само 48 дена. Со ребалансот е предвидено зголемување на задолжувањето од 148 милиони евра кај домашните кредитори и 100 милиони евра од странство. Го критикуваа дефицитот дека е висок, а сега проектираат 2,8 отсто. Со ваков ребаланс ќе има 58 милиони евра помалку во стопанствтото, ќе има стагнација, па дури и рецесија“, додава Димовски. 

Димовски рече дека владата ширела лажна пропаганда дека се крати од луксузот за сметка на одредени проекти. Тој вели дека во ребалансот се кратело од реформи во армијата, полицијата, Рамковниот договор, индустриските зони, руралниот развој, студенските домови, основните и средните училишта, детските градинки, водоснабдувањето и изградбата на патишта и автопатишта.



Спонзорирани линкови

Маркетинг