Маргита Поповска: Горди сме на јубилејното 100-то издание на АМСМ Клуб Мобилити кое нуди корисна содржина за полесно и побезбедно учество во сообраќајот

Точка

20/07/2017

11:41

8.318

Големина на фонт

а а а

Маргита Поповска е главен и одговорен уредник на "АМСМ Клуб Мобилити". Точка одлучи да направи интервју токму со Маргита со цел да ги информираме нашите читатели за сите поволности, услуги и бенефиции кои ги нуди АМСМ, а со кои ќе си го олесните учеството во сообраќајот, ќе откриете како да добиете врвни услуги по најповолни цени, да купите картичка со која имате попусти на преголем спектар услуги во и надвор од нашата земја и многу други корисни работи...

Како и за нејзиниот труд и залагање низ годините да го олесни сообраќајот на сите учесници и да го направи побезбеден за сите оние кои се интересираат за подобар квалитет во областа на автомобилските и сообраќајни прашања преку списанието "АМСМ Клуб Мобилити".


1. Најпрвин честитки за вашиот јубилеј. Не е мала работа да се прослават 10 години од постоење на медиум и да се издадат 100 броја. Какви беа почетоците на списанието, како дојдовте до идејата за создавање, имајќи предвид дека списанието е една од бенефициите на членските пакети наменети на АМСМ?

Пред сè, ви благодарам на честитките. Да се прослават 10 години од постоење на печатен медиум е посебна гордост за секого и за секоја редакција. Да се создадат, обсмислат креираат и организираат 100 броја на едно списание е навистина обемна и тешка работа. Но на крајот, претставува вистинско задоволство и чест да се биде негов главен и одговорен уредник, особено ако нашата заедничка дружба е уште од неговиот прв број. Со осамостојувањето на нашата држава, а особено со остварувањето на полноправно и непосредно членувањето во меѓународните асоцијации особено во ФИА, AMСМ претендира да се развие во модерен автомобилски и туринг клуб, во кој членовите ќе бидат постојано и навреме информирани со квалитетни и значајни информации врзани за нивното патување со автомобил, но и со услугите и поволностите кои ги нудат АМСМ членските пакети и АМСМ системот воопшто. Сојузот во своето портфолио имаше и има голем спектар на дејности, услуги и поволности за своите членови што требаше некако да се презентираат и ова беше најдобар начин. Се покажа дека списанието е вистински погодок за тоа.

Доближувањето на АМСМ до своите членови логично ја наметнуваше идејата за сопствено списание. Вистинскиот момент беше токму 2007 година кога идејниот творец на списанието, генералниот секретар Димитар Миновски започна со реализирање на сопствената идеја во дело, па така го создаде уредувачкиот тим. Се создаде екипа и на надворешни соработници, докажани во својата фела, кои со задоволство прифатија да соработуваат и да пишуваат за „Клуб Мобилити“. Со вака подготвена екипа, набрзо, во јуни 2007 година го издадовме и првиот број на членското списание „АМСМ Клуб Мобилити“, на 48 страници со 4 рубрики. Истата година, (2007 година) „АМСМ Клуб Мобилити“ на наше големо задоволство стана рамноправен член на Европската алијанса на клупски списанија на ФИА (ЕКМА) чии заеднички стории и информации пристигнуваат до над 70 милиони читатели-членови со што таа претставува најмоќна издавачка алијанса во Европа.


2. Сметате ли дека преку членувањетио во оваа меѓународна организација списанието дополнително придонесува за популаризација на АМСМ и за негово поинтензивно претставување во Европа?

Искрено се надевам дека е така, бидејќи добивме признание за квалитетот на списанието од експерти кои не се само членки на ЕКМА, туку и пошироко кои што се инволвирани во оваа област имајќи предвид дека, „АМСМ Клуб Мобилити“ е списание со поширок интерес, во кое главен акцент е ставен на безбедноста во сообраќајот.

По овој повод би сакал да истакнам дека во канцелариите на Регија 1 за Европа, Блискиот Исток и Африка, меѓу другите списанија, се наоѓа и нашето списание „Клуб Мобилити“.

Имено, на почетокот на деценијата на списанието, главниот уредник на списанието на ФИА, Ед Прикет, упати пофални зборови на восхит во врска со „Клуб Мобилити“ истакнувајќи како еден мал клуб од Југоисточна Европа може да издава членско списание со толку високи вредности.



3. Членското списание „АМСМ Клуб Мобилити“ ги следи сите актуелни теми од областа на сообраќајот и пошироко. Што всушност содржи списанието и за какви информации станува збор?

Содржините кои ги пласираме во списанието на 52 страни во печатеното и 62 во електронското издание, се поместени во повеќе постојани или времени рубрики. Се обработуваат различни содржини и новини од областа на сообраќајот кај нас и во Европа како што се промените на цените на горивата, висината на патарината како и промените во законската регулатива од областа на сообраќајот. Посебно место добива воведувањето на новините во техника која го олеснува одвивањето на сообраќајот.

Читателите на страниците на списанието непосредно можат да се запознаат со најновите модели од светот на автомобилизмот. Редовно во рубриката „Спорт” ги следиме атрактивните настани во автомобилскиот спорт и речиси сите трки во Европа и пошироко. Како полноправен член на повеќе европски и светски асоцијации на Авто мото туринг клубовите, во рубриката „Настани”, редовно информираме за меѓународните настани во кои активно учествуваат претставници на АМСМ. Во рубриката „Тестови и совети”, објавуваме едукативни текстови посветени на безбедноста во сообраќајот, наменети особено за младата популација како најризична во однос на безбедноста. Посебен простор е обезбеден за сите оние кои патуваат со автомобил низ земјите на Европа и светот. Во рубриката „Новости” се пласираат информации од најразличен вид кои ќе им помогнат на возачите подготвени да го почнат патувањето. 

За да бидеме поблиску до своите членови и да ги дознаеме нивните проблеми и секако да одговориме на нивните барања ја воведовме страницата „ВИЕ ПРАШУВАТЕ“. На оваа страница се објавуваат сите прашања на нашите членови кои пристигаат на нашите меил адреси и на истите добиваат одговор од релевантни претставници на своите сектори. ЧИТАЈ; ГЛЕДАЈ; СЛУШАЈ, Купон за зачлени пријател и доби подарок, купон со екстра попуст на АМСМ Партнер.

Во посебната брошура АМСМ Партнер што се доставува со списанието објавени се и сите АМСМ Партнер продажни места на целата територија на Р.Македонија, каде што членовите можат да ги искористат своите попусти со едноставно покажување на членската картичка.


5. Во АМСМ Клуб Мобилити секогаш има информации кои можат да им користат на возачите независно од сезоната во текот на целата година. За какви информации станува збор?

Во „АМСМ Клуб Мобилити“, меѓуостанатото, АМСМ членовите имаат можност да прочитаат ексклузивни информации, како тестовите за летни и за зимски гуми, тестовите за детските седишта, тестовите за безбедносни шлемови, ОТА информациите за патување во странство... Ексклузивен пристап до овие информации и текстови, АМСМ има благодарение на меѓународната соработка со останатите авто-мото туринг клубови, членки на ФИА. По пат на размена на информации од ваков тип, нашите членови во секое време располагаат со релевантни информации за безбедно патување. Токму ваквите ексклузивни информации ќе привлече АМСМ Клуб Мобилити да го отворат и оние кои не се членови на АМСМ.

Од друга страна, пак, тука се и информациите поврзани со промотивните акции и со новите услуги што граѓаните може да ги добијат во системот на АМСМ.

Всушност, со своите содржини списанието ја поддржува основната цел на постоењето на АМСМ, а тоа секогаш се однесува на поголема безбедност на патиштата. Во текот на деценијата ги објавуваме сите активности кои АМСМ ги преземаше во сверата на безбедноста во сообраќајот, информираме за сите манифестации, акции во организација на АМСМ, кампањи („Децата како пешаци во сообраќајот“, „Размисли пред да возиш“,„Вози зелено“,„Пијани очила“ , „Скопје пешачи за...“, активности во областа на автомобилизмот, меѓународните настани и слично, со акцент на безбедносниот аспект на нивното учество во сообраќајот. ФИА „Европскиот едукативен натпревар“, Проектот „АМСМ репортер“, „Декада на Акција за безбедност на патиштата 2011-2020, ги објавивме резултатите од од снимање на патиштата во Р. Македонија Проектот - „Сенсор“, во кој учествуваше и АМСМ, како активен член на EuroRAP, „ Со велосипед на пат низ целиот град“, „Мое возило, мои податоци“, „Секое дете во детско седиште за автомобил“, кампањата...

„Клуб Мобилити“ имаше чест да објави и голем број на интревјуа, меѓу кои и на поранешниот претседател на ФИА Макс Мозли и на актуелниот претседател на ФИА Жан Тод.

6. Една од поинтересните рубрики е рубриката „Патувања“ во која има информации за сите специфичности на одредена земја, а во прилог на тоа се надоврзува рубриката „Show your Card!“ каде читателите се информираат за попустите кои можат да ги користат при патувањето. Какви попусти им се нудат на вашите членови?

Членовите на АМСМ преку списанието и рубриката „Патувања“ можат на наједноставен начин да се запознаат со сите попатни информации што се потребни за безбедно патување. Токму во прилог на тоа се надоврзува рубриката Show your Card! во која читателите се информираат за попустите кои нашите членови можат да ги користат при патувањето во странство. Со покажување на нивната АМСМ членска картичка во продажното место каде што ќе ја препознаат налепницата со логото SHOW YOUR CARD! на самиот влез, ќе добијат од 10% до 50% ПОПУСТ.

Исто така, во посебна АМСМ Партнер брошура која се доставува со списанието објавени се и сите АМСМ Партнер профдажни места во Македонија, каде што членовите на можат да ги искористат своите попусти со едноставно покажување на членската картичка.


7. АМСМ Клуб Мобилити, покрај во печатена се издава и во електронска верзија, а содржините се достапни на сите и преку веб страницата. Како сте задоволни од читаноста на електронското издание?

Следејќи го трендот на електронските изданија на медиумите, a во интерес на информираноста на нашите членови „Клуб Мобилити“ е дел и од современото издаваштво. Од февруари 2013 година списанието „Клуб Мобилити“ има своја електронска верзија која се дистрибуира на меил адресите на нашите членови. Електронското издание на списанието има 62 страници и се доставува преку меил адреси, преку кои членот се информира за најновиот број на е-списанието.

Од 2009-тата година (септември) е активирањето на веб страницата на АМСМ Клуб мобилити- www.amsmklubmobiliti.mk, на која се сублимирани сите текстови од рубриките кои се објавени во списанието. Покрај информациите од печатеното издание кои се распоредени по рубрики, на веб страницата се пласираа информации и текстови кои не се објавуваа во печатеното издание. Во потконтекстот на воведувањето на веб страницата е воспоставувањето на интерактивен однос со сите заинтересирани. Страницата е отворен простор за сите критики и пофалби, идеи и предлози. Корисниците имаат можност заедно со уредувачкиот тим да ја креираат содржината на списанието.

Скоро сите рубрики од списанието се интересни и читани од нашите членови, но на врвот според аналитиките, во топ 3 според читаноста се рубриките „Тестови и совети“, „Патување“ и „Спорт“.

8. Во издаваштвото, како и во се друго, важно е да се знаат потребите и барањата, во овој случај на читателите. Како ги следите желбите и интересите на вашите членови во врска со содржините во списанието?   

Веќе неколку години активно го спроведуваме проектот за грижа за корисниците со кој го испитуваме задоволството на клиентите на АМСМ и на неговите членови. Имајќи го предвид ова испитување, ги разгледуваме и прашањата за задоволството на членовите од „Клуб Мобилити“, за содржината, дизајнот, дистрибуцијата, рубриките, како и предлог-содржините што би сакале да бидат застапени во списанието. Токму на барање на читателите и на нашите членови ја воведовме рубрика „Вие прашувате“. На оваа страница се објавуваат сите прашања на нашите членови што пристигнуваат на нашите е-адреси и на нив одговараат релевантни претставници од секторите.

Тука е и рубриката „Читај; гледај; слушај“. Исто така, во списанието има и купон за зачлени пријател и добиј подарок (ваучер)... Во контекст на ова, во чест на јубилејот на барање на читателите воведовме нови содржини од областа на гастрономијата со цел да излезем во пресрет на нивните барања.

9. Како АМСМ Клуб Мобилити го одбележа својот јубилеј и што посебно подготвивте во јубилејниот број за вашите членови?

Одбележувањето на јубилејот беше ретка можност на едно место да се соберат сите оние кои од самиот почеток се вклучени во проектот наречен Клуб Мобилити и по десет години со ентузијазам да дискутираат за идните јубилеји кои нé очекуваат.

Особено сме горди што успеавме јубилејното 100-то издание на АМСМ Клуб Мобилити да го одбележавме и со редизајн на списанието што вклучува ново лого и збогатената содржина, во наш препознатлив стил, што воедно беше и наш подарок за членовите на АМСМ.


10. Овие 10 години јубилеј се искуство за уште поуспешна иднина. Кои се вашите идни планови?

Плановите за иднина секогаш се големи, но искрено се надевам дека, како и досега, ќе продолжиме да создаваме списание што ќе биде задолжително четиво на секој моторизиран граѓанин и ќе го задржи приматот како извор за информации од сферата на безбедноста во сообраќајот, автомото спортот и новините од системот на АМСМ.

Фото: Ивана Дракулевска

Локација: Бистро бар Барбакан



Спонзорирани линкови

Маркетинг