„Анима Мунди“ тврди дека се убиваат бездомни кучиња пред УЕФА Суперкупот, Град Скопје демантира

Макфакс

20/07/2017

10:48

1.650

Големина на фонт

а а а

Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ бара од градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски, да запре заловувањето на бездомни кучиња во пресрет на УЕФА Суперкупот, кој ќе се игра на 8 август, на Градскиот стадион.

Од ЈП „Комуналнна хигиена“ демантираат дека во пресрет на овој спортски настан ќе се спроведе масовно убивање на бездомните кучиња во центарот на градот.

Од Здружението велат дека од доверливи извори дознале дека Вардариште почнало со масовно заловување и убивање на бездомните кучиња во центарот на Скопје.

„Се обраќаме до Град Скопје и сите надлежни институции и бараме да излезат пред медиумите и јавноста со изјава и итно да се отповика оваа налудничава хајка врз бездомните кучиња. Очекуваме поддршка и заложба од Владата на РМ, преку Агенцијата за храна и ветеринарство, во поглед на ова наше барање, особено поради фактот што програмите за хумано третирање на бездомните животни беа разговарани и имплементирани во предизборните програми на дел од партиите на власт“, велат од „Анима мунди“. 

Од таму велат дека срамно е што сега надлежните се загрижени за безбедноста на туристите, а со години наназад не се грижат за безбедноста на граѓаните и го игнорираат проблемот со бездомната популација на кучиња. 

„Анима мунди“ најави протест за време на Суперкупот доколку надлежните не ги прифатат нивните барања. 

Oд ЈП „Комунална хигиена“- Скопје, пак, ги демантира наводите објавени на социјалните мрежи од страна на поединци и невладини организации, во коишто се тврди дека во пресрет на почетокот на Суперкупот на УЕФА, ќе се спроведе масовно убивање на бездомните кучиња во центарот на градот. 

Од таму велат дека Градот Скопје од 2007 година го спроведува Проектот за третман на бездомните кучиња според принципите за хуман третман на животните, имплементирајќи ја програмата наречена „Залови, стерилизирај, врати“. 

„Во согласност со оваа програма, бездомните кучиња се заловуваат од страна на специјализирана, обучена и опремена служба за хуман третман и контрола, по што се транспортираат во стационарот ‘Вардариште’. Би сакале да го потенцираме фактот дека секое заловено куче го прегледува екипа од ветеринарни доктори, коишто проценуваат дали животните се здрави и дали со своето однесување претставуваат опасност за безбедноста на граѓаните“, велат од ЈП „Комунална хигиена“. 

Од таму напоменуваат дека само заболените, премногу старите, како и прекумерно агресивните кучиња се подложуваат на еутаназија, додека здравите животни се стерилизираат, прочистуваат од внатрешни и надворешни паразити и се вакцинираат против беснило.



Спонзорирани линкови

Маркетинг