Мајкрософт со помош на вештачка интелигенција ќе им го опишува светот на слепите лица

Точка

17/07/2017

13:43

2.139

Големина на фонт

а а а

Мајкрософт лансираше апликација за паметни телефони која што ја користи моќта на вештачката интелигенција за да им помогне на слепите лица да го „видат“ светот околу себе.

Seeing AI апликацијата, благодарение на вештачката интелигенција ги препознава предметите и им ги опишува на слепите лица или лицата со оштетен вид. Доволно е да се инсталира апликацијата, да се вклучи камерата од паметниот телефон, а потоа апликацијата сама ќе препознае што има на екранот и тоа ќе му го опише на корисникот. Исто така, оваа апликација може да распознава луѓе и нивните емоции.

Најдобрата работа во врска со оваа апликација според многумина, е тоа што за работата на Seeing AI не е потребно телефонот да биде поврзан на интернет. Сите функции на апликацијата одлично функционираат без интернет.


Со оглед на тоа што апликацијата е примарно изработена за американскиот пазар, овозможено е препознавање на производите и скенирање на нивните бар кодови, но и препознавање на банкнотите.

Токму препознавањето на банкнотите е истакнато како најважен аспект од оваа апликација, затоа што за разлика од на пример денарите, доларите се со иста големина и иста боја, што на слепите лица или лицата со оштетувања на видот им оневозможува препознавање.

Од останатите функции на апликацијата, се издвојува тоа што Seeing AI може да чита документи и е толку добро прилагодена, што гласовно го наведува корисникот во која насока треба да ја помести камерата за документот да биде до крај прочитан или да биде идентификуван посакуваниот предмет.

Засега не е познато дали Seeing AI ќе биде достапна и на други јазици освен англискиот, а моментално оваа апликација е достапна само за уредите кои што функционираат на iOS оперативниот систем.



Спонзорирани линкови

Маркетинг