Во Јужна Кореја не ги сакаат американските автомобили: Направете автомобили коишто Корејците ќе ги засакаат!

Точка

12/07/2017

17:10

5.469

Големина на фонт

а а а

Уделот на американските автомобили на јужнокорејскиот пазар е занемарлив, а судејќи според моменталните трендови, тоа во иднина така и ќе остане.

При минатонеделната посета на јужнокорејскиот претседател во Вашингтон, Доналд Трамп изјавил дека тие ќе мора да се потрудат повеќе за да се намали трговската нерамнотежа со Јужна Кореја, а притоа најмногу би требало да се потруди токму американската автоиндустрија.

Јужна Кореја е воедно 11-ти по редослед автопазар во светот, но важи и за еден од најконзервативните. Главниот пазар го држат домашните производители, додека уделот на исклучително ценетите европски брендови изнесува околу 15 отсто. Американците пак, и покрај трговските договори со Кореја, не можат да постигнат подобар резултат од скромните 1 отсто. Слични услови имаат и производителите од Европската унија, но во конкуренција со брендови како BMW и Mercedes, американските брендови очигледно немаат што да преземат.

Вака мислат и голем број на стручни лица, но и претставници на корејските власти коишто кај трговските олеснувања не гледаат можност за драстичен раст на конкурентноста на американските автомобили.

- Она што сакаме да и’ го кажеме на Америка е следново: изработувајте добри автомобили, односно автомобили коишто Корејците ќе ги сакаат, изјавил за Ројтерс претставник на јужнокорејската влада.


Индустриските стручњаци пак сметаат дека во Кореја едноставно владее лоша перцепција за американските автомобили. Или кажано накусо, американските брендови заостануваат зад европските според софистицираноста, потрошувачката на горивото и генералната замисла. Единствени позитивни исклучоци се електричните автомобили како Tesla и GM Bolt коишто ниту на глобално ниво немаат сериозни ривали. Засега.




Спонзорирани линкови

Маркетинг