Уставен суд ќе расправа дали УБК може да прислушува неограничено или треба да има промени во законот

Точка

21/06/2017

15:07

1.337

Големина на фонт

а а а

Уставниот суд на денешната седница донесе одлука да поведе постапка за утврдување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации.

Мнозинството судии на седницата изразија сомнеж дека како што е уреден Законот, преку членовите 168 и оспорениот 175, на УБК и на МВР им се овозможува произволно и неконтролирано следење на комуникациите преку телекомуникациските оператори.

Уставниот суд сега треба да го утврди решението од денешната седница, што најрано би се случило на 5 јули, а потоа да го достави до Собранието како подготвувач на законот.

Законодавниот дом има рок од 30 дена да достави известување до Судот врз основа на кој ќе биде подготвен предлог за понатамошно одлучување. Потоа ќе се закаже седница на која судиите ќе одлучуваат дали ќе го укинат, поништат или ќе бараат измена на оспорениот член.

На гласањето за прифаќање на иницијативата му претходеше жестока и бурна расправа помеѓу уставните судии, кои, сите до еден, се вклучија во дискусијата.


Дел од судиите сметаат дека прислушувањето може да се спроведува само со судска наредба, додека други сметаат дека членот 175 дава само технички насоки, додека постапката во кои случаи може да се прислушува е уредена во други закони, како законот за следење на комуникациите.

Членот 175 беше воведен со измените на Законот за електронски комуникации од почетокот на 2014 година и ги обврза телекомуникациските оператори „сами, на сопствен трошок, да ја обезбедат и да ја одржуваат опремата, соодветниот интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до надлежната институција (орган) овластен за следење“.

Укинување или измена на членот 175 од Законот за електронски комуникации е и една од препораките во извештајот на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, од 2015 година. 



Спонзорирани линкови

Маркетинг