Прашина, пепел и ужас: Објавена е снимка од внатрешноста на лондонската кула после пожарот

Точка

19/06/2017

19:37

3.741

Големина на фонт

а а а

Ужасните последици од пожарот во лондонскиот Grenfell Tower се прикажани во снимката и фотографиите кои ги објави британската полиција.

Иако зградата не се урнала, нејзината внатрешност е целосно уништена од огнот кој горел цела ноќ и речиси цел ден. Според последните поразителни информации, во огнената стихија животот го изгубиле 79 луѓе, од кои досега се идентификувани пет лица.


Засега се` уште не е познато колку луѓе биле во зградата во моментот кога избил пожарот, соопштила полицијата. Се верува дека во зградата во која имало 120 станови, живееле 600 луѓе.


Пребарувањето на стамбената зграда од 24 ката која изгоре во западниот дел на Лондон ќе трае со месеци, изјавил шефот на полицијата Стјуарт Канди, кој додал дека некои од жртвите на пожарот во кулата никогаш нема да бидат идентификувани.


Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, вчера изјавил дека пожарот во повеќекатницата бил предизвикан од „грешка и небрежност“.

Експертите навеле дека фасадата и нејзиниот термо-изолациски материјал се најверојатната причина за брзото ширење на огнот по надворешната страна од зградата и блокирањето на помошните врати за случај на пожар.


Британскиот министер за трговија, Грег Хендс, денес изјавил дека надворешната облога на фасадата на изгорената зграда најверојатно не била во согласност со градежните прописи.


Снимките и фотографиите кои ги објави британската полиција го покажуваат хоророт кој останал во внатрешноста на зградата по катастрофалниот пожар.

Снимката, која изгледа како да е снимена во воена зона, ја прикажува внатрешноста на еден од становите кој е целосно уништен, а се` што останало од него се делови од душеци, велосипед за вежбање и нешто од бела техника.


Исто така, прикажана е изгорената када, која е црна од чад, додека остатокот од бањата е во рушевини.



Спонзорирани линкови

Маркетинг