Жив штит против ИСИС: Израел им помага на сириските бунтовници со цел да ги држи џихадистите подалеку од својата територија

Точка

19/06/2017

18:30

2.944

Големина на фонт

а а а

Поддршката е суштинска и директна, подразбира испраќање на пари, храна, гориво и испорака на лекови, поради што неколку вооружени групи и голем дел од цивилната популација се зависни од помошта на Израел.

Израел тајно веќе неколку години им помага на сириските бунтовници на Голанската висорамнина со цел да се одржи тампон зона меѓу „пријателските сили“ и терористичката организација Исламска држава, како и организациите кои што се сојузници на Иран, пренесува "The Wall Street Journal".

Американскиот медиум тврди дека овие информации се добиени од некои од првите луѓе на бунтовничките групи кои што добивале помош од Израел во вид на пари, храна, гориво и лекови.

Нивните извори откриле дека Израелците ја започнале соработката со бунтовничките групи во 2013-та година и истите продолжуваат и до ден денес, со цел проиранските организации како што е Хезболах, но и Исламската држава, да се држат што е можно подалеку од границите на Израел.


Наводно специјална единица на израелската војска била задолжена да ги надгледува операциите и да го распределува буџетот на бутновниците кои што практично се жив штит помеѓу израелската територија и Хезболах и Исламската држава. Борците од Сирија откриле дека главната група која што соработува со Израел е Фурсан Ал Џулан и тие добиваат 5 илјади долари месечно. Оваа група не била поврзана со западните земји, ниту пак со Слободната сириска армија која што се бори против Асад.

„Израел стоеше на наша страна на херојски начин. Ние немаше да преживееме без помошта на Израел“, изјавил портпаролот на групата, Моатасем Ал-Голани за американскиот медиум.

Тој рекол дека соработката ја започнале нивните ранети борци кои што стигнале до израелската граница и ги молеле за помош израелските војници. Израелците им помогнале така што нивните борци ги пренеле во израелските војници и така бил отворен тајниот канал.


Споменатата група има 400 војници и е во блиско сојузништво со уште четири вооружени групи во Сирија кои што исто така добивале помош од Израелците. За разлика од Фурсан Ал-Џулан (Витезите на Голан), некои од групите имале корист од поддршка од Западните земји и биле поврзани со Слободната сириска армија.

И додека за медицинската помош која што Израелците им ја пружиле на ранетите Сиријци кои што пристигнале на израелско-сириската граница се знаело од самиот почеток на војната, новите информации во кои што до детали се опишува израелската поддршка би можела да ја зголеми напнатоста помеѓу Израел и сириските власти на чело со претседателот Башар Ал Асад.

Израел и Сирија технички се во војна веќе со децении и во израелските воздушни напади веќе во неколку наврати беа напаѓани силите на сириската армија. Главна цел на израелските напади досега беа испораките на оружје за либански Хезболах - организација која што се бори на страната на сирискиот претседател Башар Ал Асад, а против израелската војска војуваа повеќе од еден месец летото 2006-та година.


Еден извор за американскиот медиум потврдил дека парите ја минуваат границата во Сирија, но рекол дека наводно тие пари се користат во хуманитарни цели. Бунтовниците тоа го демантирале, објаснувајќи дека парите се користат за плата за борците и купување на оружје и муниција.

Израелската војска одби да го коментира ова тврдење на бунтовниците, но "The Wall Street Journal" пренесува дека Израелците се посветени на обезбедување на своите граници и пред се, спречување на основање на терористички групи и непријателски сили во близина на границата, па овие групи практично ги користи како жив штит.



Спонзорирани линкови

Маркетинг