Иран се одмаздува за терористичкиот напад: Балистички ракети ги кренаа во воздух позициите на ИСИС

Точка

19/06/2017

16:19

6.216

Големина на фонт

а а а

Иран за прв пат во сириската граѓанска војна, изведе напад со балистички ракети на сириска територија - цел на нападот беа позициите на Исламската држава во провинцијата Деир Ез Зор.

Иранската Револуционерна гарда лансираше ракети од среден домет на позициите на Исламската држава на просторот на источната сириска провинција Деир Ез Зор. Иранците тврдат дека станува збор за одмазда за неодамнешниот терористички напад кој што го изведоа џихадистите во Техеран.

Според последните информации, иранската Револуционерна гарда синоќа лансирала неколку ракети на позициите на Исламската држава од западните ирански провинции Керманншах и Курдистан.

„Пролевањето на крв на невините нема да мине неказнето“, стои во соопштението на иранската Револуционерна гарда, а во нивното соопштение меѓу другото се тврди дека ракетите погодиле позиции на терористите кои што биле одговорни за неодамнешниот терористички напад во иранската престолнина.


Одредени извори тврдат дека во нападот загинале голем број на терористи, меѓутоа бројките засега никој не може да ги потврди. Непосредно после нападот, се појавија и информации дека мета на нападот не биле само џихадистите на ИСИС, туку и про-западните бунтовници под контрола на САД.

Иранските медиуми пренесуваат дека биле користени балистичките ракети „Зулфикар“ кои што имаат домет од околу 700 километри.

Портпаролот на иранската Револуционерна гарда, генерал Рамезан Шариф истакна дека ракетниот напад на провинцијата Деир Ез Зор бил координиран со сириските власти од Дамаск.


Тој откри дека биле лансирани вкупно шест балистички проектили кои што успешно ги погодиле своите цели на оддалеченост од 650 до 700 километри. Од иранската Револуционерна гарда јасно порачаа дека ова можеби и нема да биде последниот напад на терористите и ќе следува „уште посериозна одмазда“ доколку ИСИС се осуди повторно да го нападне Иран.

Набрзо по лансирањето на ракетите, се појавија неколку видео снимки на интернет кои што наводно го прикажуваат лансирањето на ракетите, но официјални снимки се уште не се објавени.



Спонзорирани линкови

Маркетинг