"Јас сум жртва на меѓународни шпиони": Ова е лудата теорија на лажниот "принц на Црна Гора и Македонија"

Точка

17/06/2017

16:09

17.355

Големина на фонт

а а а

Стефан Чернетиќ, кој тврди дека е "принц на Црна Гора и Македонија", а по кој италијанската полиција издала потерница поради лажно претставување, во разговор со српски "Blic", цврсто останал при својата бизарна приказна за своето потекло. Тој изнел уште една сосема луда теорија за тоа зошто околу него во последните денови се кренала толкава прашина.

Чернетиќ, кој уредно се јавил на телефон кога контактирале од Blic, не сакал да открие каде се наоѓа во моментов, но имал подготвен одговор на тоа зошто против него во Италија, но и на цел Балкан се води вистински прогон, и тоа ни помалку ни повеќе - туку политички. 

"Јас сум многу влијателен човек, имам меѓународна репутација, се гледам со разни луѓе, амбасадори, кралеви, бизнисмени, а претпоставувам дека тоа не им одговара на балканските тајни служби. И тоа посебно на црногорската. Мислам дека тие го организирале овој напад против мене", рекол Чернетиќ за Blic, нагласувајќи дека станува збор за негова теорија, и дека нема никакви докази да ја потврди.

Обвиненијата за лажно претставување, како што тврди, не го допираат. Вели дека може да ги докаже своите кралски корени во секој момент, и дека ниеден негов документ не е фалсификуван. За инцидентот во луксузното одморалиште во близина на Бриндизи на југот на Италија, кога поголема сметка од неговиот престој била пратена во македонската амбасада во Италија, тврди дека е измислена, а оди толку далеку што тоа го нарекува "меѓународен шпионски заговор".

"Јас бев таму поканет, заедно со моите соработници, а ќе ви ја доставам и поканата која ја добив од еден бизнисмен. Нема никаква сметка на мое име, ништо не е пратено никаде, тоа е измислица на меѓународни шпиони", рекол возбудено "принцот".

Споменатиот доказ за поканата не го пратил во Blic, но затоа пратил фотографии од разни документи кои сведочат за неговото потекло и меѓународните активности, а чија валидност не може да се докаже.

Потсетуваме, Стефан Чернетиќ дошол под лупата на светската јавност откако со години лажно се претставувал како принц на Црна Гора и Македонија, за да стекне финансиска корист и да јаде бесплатно. Списокот на измамени луѓе е подолг. 



Спонзорирани линкови

Маркетинг