"Дневник" згасна: Денес излезе и последниот број, а од утре нема да се печати

Точка

13/06/2017

14:07

7.057

Големина на фонт

а а а

Денешното издание на дневниот весник "Дневник" е последното што читателите можеа да го купат.

Александар Динев, директорот на новата фирма "Медиа принт" која го издава дневниот весник "Дневник" утрово ги известил вработените дека весникот "Дневник" утре ќе го издаде последниот број. 

Од утре весникот повеќе нема да се печати, на вработените ќе им биде исплатена плата за мај во следните 20 дена, период во кој ќе бидат испратени "на одмор", а фирмата ќе оди во ликвадација. Ова од менаџментот денеска им го соопштиле на 60-тина вработени во "Дневник", со образложение дека фирмата не успеала да обезбеди кредит, неопходен за функционирање на весникот и за исплатата на обврските.

"Дневник" е првиот приватен дневен весник во Република Македонија, а неговиот прв број излезе на 20 март 1996 година. Негови основачи беа новинарите Бранко Геровски, Александар Дамовски и Миле Јовановски. Во клучните години по осамостојувањето на државата, "Дневник" уживаше висока доверба и имиџ на новинарска авангарда на бројни демократски процеси во земјата. Угледот и влијанието на весникот драматично паднаа во изминатите неколку години, поради нарушени професионалните стандарди во корист на владајачките интереси и политики, пишува Дојче Веле.

Пред еден и пол месец престанаа да се печатат и дневните весници "Утрински весник" и "Вест", поради лошата финансиска состојба на фирмата "Графички центар", која беше сопственик на Медиа Принт Македонија (МПМ), дотогашен издавач на трите дневни весници, како и на "Македонски спорт", "Теа модерна" и порталот "Телеграф". Пред да почне претстечајната постапка, во февруари годинава, отворена беше нова фирма, со слично име, Медиа Принт ДООЕЛ, во сопственост на Александар Динев, кој беше дел од некогашниот менаџмент на МПМ.


Без работа останаа над 100 медиумски работници, на кои денеска им беше соопштено дека медиумите во кои работеле повеќе нема да излегуваат.



Спонзорирани линкови

Маркетинг