Избори во Велика Британија: Горчлива победа на Конзервативната партија

Макфакс

09/06/2017

09:33

1.007

Големина на фонт

а а а

Иако конечните резултати од вонредните парламентарни избори во Велика Британија не се целосни, медиумите и аналитичарите оценуваат дека премиерката Тереза Меј направила голема грешка кога решила да распише избори.

Според сè уште неофицијалните резултати, британската медиумска мрежа проценува дека конзервативците ќе имаат 318 од 650 пратенички места, што значи дека ќе го загубат мнозинството кое го имаа во моментот кога премиерката Тереза Меј ги распиша вонредните парламентарни избори. Според оваа проценка, лабуристите на Џереми Корбин ќе имаат 267 пратеници. Голем удар доживеа и Шкотската национална партија која најверојатно ќе има 32 места во парламентот, либералдемократите на Тим Ферон ќе освојат помеѓу 11 и 14 места, а сите останати ќе имаа 22 места во новиот состав на парламентот.

АП пишува дека Тереза Меј е најголемиот губитник на овие избори, бидејќи изборите ги распиша за да ја зголеми предноста во однос на останатите партии, а се случи спротивното, таа остана без мнозинство во парламентот. 

Лидерот на лабуристите Џереми Корбин ја повика премиерката Меј да поднесе оставка поради изборните резултати. 

За „Гардијан“, тој рекол дека таа „ги загубила гласовите, поддршката и самодовербата“. 

„Мислам дека ова е доволно таа да си поднесе оставка“. 

Од друга страна Тереза Меј рекла дека на државата и е потребен период на стабилност и дека Конзервативната партија тоа ќе го обезбеди доколку има најмногу места во новиот парламентарен состав. 

Би-Би-Си, повикувајќи се на извори од Конзервативната партија, наведува дека поради изборните резултати можно е Тереза Меј да поднесе оставка. Како нејзин можен наследник се споменува Борис Џонсон. 

Изборните резултати ќе бидат соопштени денес кога официјално ќе се знае која партија победила на изборите. 

Кралицата Елизабета Втора потоа од лидерот на партија која има најголеми шанси да формира мнозинство во Долниот дом на парламентот да стане премиер и ја формира новата администрација. 

Парламентот ќе се состане на 13.јуни за да избере претседател и тогаш пратениците ќе положат заклетва. Кралицата на 19.јуни официјално ќе го прогласи почетокот на работата на новиот парламент, кога и ќе биде прочитана програмата на владата за претстојната парламентарна година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг