Франција отворена за соработка со ФЕИТ

Макфакс

07/06/2017

12:42

647

Големина на фонт

а а а

Франција е отворена за соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

На денешната средба, која се одржа помеѓу францускиот амбасадор во Република Македонија, Кристијан Тимоние, и деканот на факултетот, Димитар Ташковски, заедно со продеканите, во просториите на ФЕИТ, амбасадорот се запозна со тековните наставни, научни и апликативни активности на Факултетот.

На средбата деканот ги презентираше новите и иновирани студиски програми на ФЕИТ, кои се акредитирани од учебната 2017/2018 година. На амбасадорот, освен студиските програми, му беа претставени и меѓународните проекти на Факултетот за електротехника и информациски технологии. 

Посебен акцент беше ставен на соработката со француските универзитети и компании од областа на електротехниката и информациските технологии. На денешната средба се презентираше и се дискутираше за концептот на „Центар за трансфер на технологии и иновации – INNOFEIT“ со кој Факултетот очекува да прерасне во центар за извонредност во областа на ИКТ сервиси за новите мрежни инфраструктури. 

Францускиот амбасадор во РМ, Кристијан Тимоние, изрази отворена поддршка за сите активности на Факултетот. Тој ги презентираше можностите кои Француската амбасада во Скопје ги нуди за студентите на ФЕИТ, но не го изостави и академскиот кадар. 

На средбата се дискутираше за можностите асистентите од ФЕИТ да престојуваат на некој од француските универзитети, а се потенцираше и постоењето на стипендиите кои им стојат на располагање на студентите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг