Целата катастрофа прикажана во една фотографија: Кризата на Арапскиот полуостров и Qatar Airways

Точка

07/06/2017

11:40

9.159

Големина на фонт

а а а

Големата криза “го тресе” Арапскиот полуостров, откако Саудиска Арабија, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати објавија дека ги прекинуваат дипломатските врски со Катар.

Медиумите веќе започнаа да пишуваат за многуте последици коишто после потполната дипломатска блокада на соседите ќе ги има малата пустинска држава со површина од 11.586 квадратни километри, чијашто единствена копнена граница е онаа со Саудиска Арабија.

Без разлика дали се работи за недостаток од храна или очекуваната инфлација, едно е сигурно, а тоа е дека Катар, чиишто два и пол милиони жители се во просек најбогати на светот, се наоѓа во големи проблеми.

Прв и најголем засега удар од дипломатските блокади од страна на соседите веќе почувствува државната авио-компанија Qatar Airways. За компанијата којашто вработува 24.000 лица, а чијашто флота брои 192 авиона коишто летаат кон повеќе од 150 дестинации во 73 држави во светот, и којашто самите корисници во повеќе истражувања ја прогласија за најдобра на светот, губитокот на пристапот до воздушниот простор на Бахреин, Емиратите и Саудиска Арабија би можело да донесе разорувачки ефекти.

- Губитокот на пристапот до нивниот воздушен простор ефективно би го приземјил Qatar Airways, велат од Центарот за авијација (CAPA), a цитира Business Insider.


Воздушниот простор на Катар е главно опкружен со воздушниот простор на Бахреин, од источната страна им е воздушниот простор на Емиратите, а мало парче на југот е опфатено со воздушниот простор на Саудиска Арабија, велат од CAPA.

И додека губитокот на саудискиот воздушен простор прилично би ја чинел компанијата поради менувањето на рутата на своите авиони кон Африка, губитокот на пристапот до воздушниот простор на Бахреин би бил еднаков на катастрофа. Значи, ако оваа блокада продолжи да трае, авионите на Qatar Airways би биле принудени да летаат низ воздушен простор за којшто немаат дозвола за минување, само за да пристигнат до својата база во Доха.

И додека од авио-компанијата засега не даваат објаснување како мислат а се справат со оваа новонастаната ситуација, прашањето коешто се поставува е дали Бахреин и Емиратите можат легално да го забранат пристапот на авионите на Qatar Airways во својот воздушен простор. Тоа значи дека, додека можат да им го забранат правото на слетување, како потписнички на Меѓународниот договор за услугите во воздушниот сообраќај (којшто го потпиша и Катар), легално не може да им се оневозможи пристапот на воздушниот простор. А како што Саудиска Арабија не е потписничка на овој договор, тие тоа ограничување, од правна страна, го немаат.

Меѓутоа, тоа не значи дека Бахреин и Емиратите не може да им го загорчат животот на пилотите на катарската авио-компанија. Според веб страницата Flightradar24, Бахреин веќе испратил порака до пилотите во којашто стои дека тие ќе ги ограничат летовите на катарската авио-компанија на само една рута низ бахреинскиот воздушен простор.

Што, во превод, значи огромен метеж и потенцијални огромни доцнења за авионите на Qatar Airways.




Спонзорирани линкови

Маркетинг