Мартин Буцо Атанасовски: Успехот лежи во упорноста да се совлада секој звук

Точка

06/06/2017

10:05

3.876

Големина на фонт

а а а

Мартин Буцо Атанасовски е битбоксер, кој зад себе има остварено голем број настапи - од гостин на концертот на Слаткар, до бројни настапи со популарната македонска група ДНК па се до концертот на светки познатата французинка Заз.

Повеќе за неговите настапи, искуствата од истите како и "трнливиот пат" до успехот во битбоксот, дознајте од интервјуто во продолжение.

Од каде љубовта кон битбоксот?

Љубовта кон битбоксот ја пронајдов случајно – скролајки на YouTube, наеднаш налетав на видео со наслов Beatbox секако не знаејки што е тоа на прв поглед . Кога го отворив видеото и видов всушност што значи тоа битбокс, како се изведува, со што се прави и дека само еден обичен човек го прави тоа со само еден микрофон и уста без никакви инструменти, местенки и монтажи, во истиот момент некако многу ме зачуди. Прашувајќи се дали ова е можно да се изведува, ми се јави преголема желба и си реков “морам да го пробам ова чудо”, дали секој би можел да го прави и дали би можел во истиот момент нешто да направам од тоа видео. Кога видов дека барем 1% ми успеа од прва, од тој момент си реков на себеси “мораш да успееш да го правиш ова, премногу е уникатно”.


 Колку е развиен битбоксот кај нас? 

Битбоксот кај нас искрено е на доста ниско ниво. Првпат во Македонија чув за битбокс на македонскиот Идол, од пријателите Боби и Момир и видов дека и кај нас некој се занимава со тоа чудо. Со тоа што сакав да има повеќе битбоксери во нашата земја, одлучив да се пријавам и јас во таа мисија , но со текот на времето гледам дека напреднуваме и се зголемува бројката на битбоксери. Уште од многу рана возраст, има деца што се занимаваат со тоа во повеќе градови низ Македонија, ми се допаѓа тоа што гледам дека некој сака да проба и се труди да се приклучи во нашата мисија, а со тоа е секогаш добредојден.

Кои се настапите кои најмногу ќе ги паметиш?

Секој артист си ги памети сите настапи и тие убави моменти, но сите си имаме по некои највлијателни настапи кои се посебни на свој начин.

Како прв јавен настап со искрено многу трема и возбуда ке го издвојам настапот во Борис Трајковски на концертот на Слаткар – тоа беше навистина убав момент, што до ден-денес ми е чудно како сум успеал да настапам и да излезам пред толку голема публика.


Како следен најзначаен настап морам да го издвојам настапот во Велес на велешката Питијада со моите големи пријатели и воедно браќа кои ги обожавам – ДНК . Тие ме викнаа да бидам гостин на нивниот настап и да го збогатам со малку битбокс. Настапот беше повеќе од очекуваното, а тој ден и тој гест на ДНК никогаш нема да го заборавам.

Kако трет значаен настап ке го издвојам исто настапот како гостин на ДНК, во Вевчани на Вевчанскиот карневал. Беше прекрасно бидејќи повторно имаше многубројна публика.

Во 2012. година беше дел од концертот на светски познатата француска пејачка Заз. Како дојде до оваа соработка? 

Тоа се случи баш неочекувано и многу спонтано. Паметам дека Заз требаше да настапува во Универзална сала , а концертот да го отвори бенд. Едно девојче со име Јована ме контактираше со надеж дека сум расположен за соработка, по што секако веднаш прифатив. Работата беше што нивниот битбоксер не бил во можност да настапува, па така јас ја имав таа чест да го заменам.

На почетокот не знаев која е Заз, но подоцна сфатив дека таа е дел од светската сцена. Бев пресреќен, тоа беше преубаво искуство и значаен момент кој останува за цел живот.


Кој е процесот на совладување на оваа техника? 

Најпрвин, најбитното нешто кога ќе почнете да го изучувате битбоксот е да не се откажувате кога нешто нема да ви оди од рака. Упорноста е клучниот момент – доколку не се откажувате и бидете упорни да го совладате секој звук и да поминете низ сите препреки по секоја цена, тогаш сум сигурен дека ќе успеете. Најважно е да се вежба константно и напорно.

Дали музиката којашто ја слушаш влијае врз стилот на битбокс? 

Според мене, музиката што ја слушам искрено има многу голема улога во битбоксот. Слушам музика што има слични ритмови и звуци како што може да се прават во битбоксот – тоа е Hip Hop & RnB, новата музика на 21-виот век. Таа може исто многу да придонесе во битбоксот бидејќи се сочинува од многу ефекти, звуци и ритмови кои го подобруваат чувството за ритам и слух.


Со кои од светските артисти би сакал да настапуваш? 

Ако веќе имам избор, голема желба би ми било да делам сцена и настап со Roxorloops, Eclipse, Heymoonshaker и многу други, се разбира, но еве тие ке ги издвојам како најомилени и секако да не го заборавам и Razhel.

Што би им препорачал на почетниците во битбоксот? 

На почетниците би им препорачал да не го пробуваат ова и да не се одлучуваат да бидат битбоксери зошто кога ќе го научат тоа, секој и секаде ќе им бара битбокс – секако, се шегувам. На почетниците би им порачал што повеќе да почнат да го изучуваат битбоксот бидејќи навистина е интересен и пријатен за сечие уво. Нека бидат упорни кон тоа, нека немаат препреки во својата глава и нека си постават цел да го работат тоа со 100% љубов.

Кои се твоите планови за во иднина и што можеме да очекуваме од тебе? 

Моите планови за во иднина се доста интересни. Истите нема да ги откријам токму сега но еве ќе кажам нешто за во блиска иднина: за сите што сакаат да ме запознаат и слушнат, нека дојдат во Штип на 17-ти јуни на настапот на ДНК, кадешто гостин на тој настан ќе бидам јас. Ги повикувам сите што се во можност да дојдат на добра забава бидејќи ДНК знаат како да го направат тоа.




Спонзорирани линкови

Маркетинг