Раздорот помеѓу Германија и Турција: Пет факти за стратешки важната воена база Инџирлик

Точка

19/05/2017

16:30

3.946

Големина на фонт

а а а

Инџирлик, стратешки важна воена база во која што моментално се сместени 250 германски војници е една од главните причини за билатералната „кавга“ помеѓу Германија и Турција.

Турската воена база Инџирлик има долга историја: Од упориште против експанзијата на Советите, па се до база од каде што се изведуваат операциите против Исламската држава. Сега, оваа база стана предмет на спор помеѓу сојузниците од НАТО Алијансата, Германија и Турција.

Зошто Инџирлик е важна база?

Инџирлик во 1955-та година за време на Студената војна со помош на САД стана најважната база на југоисточното крило на НАТО. Повеќе од 60 години таа база служеше за одбрана од можна советска и подоцна руска експанзија. Се покажа како важна база за време на кризите кои го потресоа Блискиот исток.

Кога Турција во 2014-та година се приклучи во Анти-ИСИС коалицијата, Анкара ја понуди базата Инџирлик како база за воени операции против Исламската држава која тогаш контролираше големи делови од Сирија и Ирак. Инџирлик е на стратешки важно место затоа што се наоѓа географски блиску до земјите во кои што е активна Исламската држава на Блискиот исток.


Вооружени системи

Во Инџирлик пред се доминира 39-та воздухопловна единица на американската армија. Покрај авионите од типот „А-10“ кои што служат за поддршка на копнените трупи, американското воено воздухопловство во Инџирлик има распоредено авиони од типот „Ф-15“ и „Ф-16“, а повремено таму се наоѓаа и извиднички „Авакс“ авиони, како и ракетни системи земја-воздух.

Наводно во оваа база има и нуклеарни боеви глави кои што се во сопственост на американската армија. Иако тоа американски, турски или претставници на НАТО никогаш не го потврдиле, според Сојузот на американските научници, во турската база од Студената војна се наоѓаат 50 атомски бомби од типот „Б61“.

Кои држави делуваат од Инџирлик?

Освен Турција, Американците таму со 1,500 припадници на својата армија го имаат вториот најголем контигент. По моќта и големината на силите ги следи Велика Британија. Германија таму има 260 војници кои што делуваат во рамките на воздухопловните сили, односно најчесто вршат извиднички летови со своите авиони.

Холандија, Шпанија, Данска, Чешка како и земјите како што се Саудиска Арабија и Катар кои што не се земји членки на НАТО Алијансата исто така имаат свои војници во Инџирлик во рамките на борбата против Исламската држава.


Зошто Инџирлик стана проблем?

Германија и Турција имаат блиски односи веќе со децении и тоа не само затоа што се земји членки на НАТО од педесетите години, туку и поради нивните блиски економски врски. Секако, актуелните случувања и напнатоста околу базата се само дел од широкиот политички конфликт на државите, а на Ердоган му преостанува „да им врати“ на Германците токму преку оваа база.

Германија го призна ерменскиот геноцид од страна на Османлиите, забрани турските министри и пратеници да присуствуваат на собирите ширум Германија за поддршка на турскиот референдум и неодамна германските власти им дадоа азил на турски војници за кои што се верува дека учествувале во организацијата на пучот во Турција.

Како Ердоган може да ѝ возврати на моќната Германија и европскиот економски џин? Се разбира, со тоа што им забрани на германските пратеници да ги посетат германските војници во Инџирлик. Поради тоа, Германија размислува да ги повлече своите војници од таму и да ги пресели во друга база.


Опциите на Германија

Германските единици кои што се моментално стационирани во Инџирлик се дел од извидничките мисии, а имаат и задача да ги снабдуваат авионите со гориво. Освен тоа, Германците учествуваат во координацијата и логистиката на единиците на НАТО. Не е јасно колку преместувањето на германските трупи ќе се одрази на Анти-ИСИС мисијата како и на понатамошната соработка меѓу Германија и Турција како сојузници.

Покрај Јордан, како алтернатива за стационирање на германските војници се споменуваат и Кипар и Кувајт. Јордан и Кувајт не се земји членки на НАТО, но тие земји како партнери учествуваат во Анти-ИСИС коалицијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг