"France Presse": На Евровизија најмалку има песни, а најмногу геополитика

Точка

11/05/2017

13:58

1.438

Големина на фонт

а а а

Натпреварувањето за "Песна на Евровизија", кое првобитно била наменето за зајакнување на европското единство и прв пат организирано во 1956. година во Швајцарија, станало простор за меѓунационални ривалства, што оваа година го илустрира спорот меѓу Киев и Москва за настапот на руската натпреварувачка, оценила денес агенцијата "France Presse".

Русија одлучила да не учествува на натпреварувањето, незадоволна од одлуката на овогодинешниот домаќин - Украина, да забрани влез на Јулија Самојлова, руска пејачка која имала концерт на Крим откако Русија го анектирала. 

Руско-украинската криза влијаела и на минатогодишната Песна на Евровизија во Стокхолм, кога победила 32-годишната Џамала, Татарка од Крим, чија песна "1944" зборувала за советската депортација не нејзиниот народ. 

Русија тогаш протестирала поради политизираниот текст на таа песна со која настапила Украина и победила на Песната за Евровизија, сметајќи дека со тоа се крши прописот на тоа натпреварувањето кое забранува "зборови, говор или гест од политичка или слична природа". 


Учесниците на натпреварувањето неколку пати биле повикувани да ги променат текстовите на песните за да избегнат политички тензии. Така името на ерменската песна "Don't Deny" за која во 2015. година се сметало дека премногу директно ја споменува Турција, било променето во "Face the Shadow". 

Организаторите на натпреварувањето во 2009. година, помалку од една година по руско-грузискиот конфликт, побарале од Грузијците да го променат името на песната "We Don't Wanna Put In", која директно алудирала на рускиот претседател Владимир Путин. Грузија го одбила тоа барање, па таа година не учествувала на натпреварувањето. 


Израел две години пред тоа успеал да се "провлече" со песната "Push The Button", за која се сметало дека повикува на напад на Иран. Агенцијата "France Presse" потсетува дека ниедна арапска земја не учествува на натпреварувањето. 

Дипломатските инциденти за време на натпреварувањето се многубројни, а меѓу нив и бојкотот на Австрија во 1969. година, која не сакала во Шпанија поради владеењето на фашистичкиот диктатор Франсиско Франко, и одбивањето на Ерменија во 2012. година да оди на натпреварот во Азербејџан. 


Студената војна најмногу трага оставила на натпреварувањето кое го основале телевизиите од Западот. Кон Евровизија во 1961. година се приклучила Југославија, што изгледало како гест на независност на Тито од Москва. 

Многу земји на поранешниот советски блок се приклучиле во натпреварувањето веднаш по падот на Железната завеса. 

Македонија оваа година ја претставува Јана Бурчевска со песната "Dance Alone", а ќе настапи вечерва во втората полуфинална вечер, со реден број 3. 



Спонзорирани линкови

Маркетинг