Mост: Парламентот да се отвори за граѓаните

Макфакс

11/05/2017

13:18

657

Големина на фонт

а а а

Новиот собраниски спикер Талат Џафер своето прво обрќање во јавноста го имаше денеска на конференцијата „Транспарентно и одговорно Собрание“, при што говореше на македонски јазик.

Џафери во својот говор кажа дека најголемата одговорност за враќање на функционални институции ја има парламентарното мнозинство и додаде дека очекува конструктивна опозиција. Тој најави дека наскоро ќе се формира и новата Влада.

„Се надевам дека со мојот избор за претседател на Собранието, а со тоа и заокружување на конституирање на Парламентот, а наскоро со избор на новата влада ќе создадеме услови за почетокот на процесот со кој како држава, но како општество ќе се вратиме на правиот колосек кој води до создавање функционална држава со самостојни институции кои ќе работат во добробит на граѓаните.“ 

На конференцијата, покрај новиот собраниски спикер, се обратија и експерти, поранешни пратеници и претставници на невладиниот сектор. 

Професорката по кривично право Беса Арифи истакна дека парламентот мора да се отвори кон граѓаните и кон експертската јавност и да ги вклучи во процесот на носење одлуки и закони. 

„Важно граѓаните да бидат вклучени во Собранието, но не преку нападот на пратеници туку преку процесите за носење на законите. Статистиката покажува дека минатата година дури 70% од законите биле донесени по скратена постапка. При тоа ниту еден закон не е предложен од граѓаните или цивилниот сектор, сите се доставени од страна на Владата. Поразително е што само 10% од предвидените закони за хармонизација со европското законодавство се изгласани во 2016 година“, рече Арифи. 

Крис Хеншоу, директор на Националниот демократски институт – Македонија, рече дека земјата се соочува со многу предизвици, но и има голема можност да оди напред. 

„Парламентот во Македонија е тој што е избран од граѓаните, а не владата. 

Затоа Собранието треба да ја контролира работата на власта, а не само да се притискаат копчиња и да се носат закони без вистинска дебата за нив“, рече Хеншоу. 

Дарко Алексов од Граѓанската асоцијација „Мост“, додава дека новиот парламентарен состав ќе има задача да го подигне нивото на транспарентност со цел носење закони кои ќе бидат применливи и во корист на граѓаните. 

„Се надевам дека ќе имаме поодржливи политики кои ќе бидат во интерес на целата заедница.Се покажа дека недостигот на инфромации, искуства и мислења, носат креирање на неапликативни закони и таа пракса во иднина мора да се менува“, рече Алексов. 

На конференцијата немаше претставници од ВМРО-ДПМНЕ. Алексов рече дека пратениците од оваа партија биле уредно поканети, но не се осмелиле да присуствуваат на настанот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг