Макрон му порача на Трамп дека ќе го штити Парискиот климатски договор

Нетпрес

09/05/2017

09:55

450

Големина на фонт

а а а

Новоизбраниот француски претседател Емануел Макрон му порачал во телефонскиот разговор на американскиот колега по должност Доналд Трамп дека ќе го штити договорот за климатските промени склучен во Париз кон крајот на 2015 година од кој САД може да се повлечат според најавите од кампањата на сегашниот претседател.

„Има намера да го штити договорот за климатските промени и ќе се погрижи да го заштити францускиот народ“, изјавила портпаролката Лоренс Аим за американската телевизија CNN.

Додала дека двајцата претседатели во текот на десетминутниот разговор ги отвориле и прашањата за борбата против тероризмот, трансатлантските односи и економијата. 

„Климатската промена е многу важна и чувствителна тема за Франција. Му кажа дека ќе го заштити она што е договорено во Париз“, појаснила портпаролката на победникот на неделните француски претседателски избори, центристот Емануел Макрон. 

Инаку кон средината на април Белата куќа го одложи состанокот на кој требаше да се одлучи за можното повлекување на САД од Парискиот договор за климата. Состанокот беше одложен бидејќи дел од учесниците билен пат, но не беше прецизирано кога би се одржал. 

Некои клучни советници на претседателот Доналд Трамп, вклучувајќи го и министерот за енергетика Рик Пери и директорот на Агенцијата за заштита на околината, Скот Пруит, требаше да се сретнат и да размислат како Трамп би се поставил кон тој договор. 

Според Парискиот договор, САД се обврзуваат да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид за 26 до 28 отсто до 2025 година во однос на нивото од 2005 година. Трамп смета дека САД треба да се повлечат од тој договор, а Белата куќа вели дека американската позиција ќе биде позната на самитот на Г7, кон крајот на мај. 

Во одвоено соопштение кое го пренесоа агенциите во понеделникот ноќта, Белата куќа објави дека Трамп и Макрон, исто така, се договориле да се сретнат во текот на следниот самит на НАТО на 25 мај во Брисел. 

„Претседателот Трамп ја нагласи својата желба тесно да соработува со претседателот Макрон во соочувањето со заедничките предизвици, и ја нагласи долгата и силна историја на соработка меѓу САД и неговиот најстар сојузник Франција“, објави Белата куќа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг