Творците на Брегзит разочарани од победата на Макрон: Францускиот претседател е марионета!

Точка

09/05/2017

10:30

1.923

Големина на фонт

а а а

Британските евроскептици не се обидоа да го сокријат своето незадоволство од победата на Емануел Макрон на претседателските избори во Франција.

Најџел Фараж, еден од предводниците на процесот на напуштањето на Велика Британија на Европската унија, изјави дека новиот француски претседател ќе биде една обична марионета на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Истовремено, групата која што се залага за напуштање на Европската унија под називот "Leave.EU", ја спореди победата на Макрон со предавањето на Франција на Нацистичка Германија, пренесува новинската агенција "AFP".

Британските евроскептици оценуваат дека изборот на про-европски претседател е лоша вест за преговорите околу Брегзит, иако некои експерти велат дека помоќната Европа би можела да го олесни преговарачкиот процес. На победата на Макрон песимистички реагираа и некои британски медиуми, па така на насловната страница на „Дејли Телеграф“ пишуваше: „Француската нова надеж носи облаци над Брегзит“.


Споменатиот медиум пренесува дека од Макрон треба да се очекува да го продолжи „ионака остриот став на Франција кога станува збор за Брегзит“.

Претходно, во текот на вчерашниот ден, економскиот советник на Макрон, Жан Писани Фери изјави дека новиот претседател на Франција, Емануел Макрон, ќе биде цврст во преговорите околу британските услови за напуштање на Европската унија, но нема да бара Британија поради тоа да биде казнета.

Тој за „БиБиСи“ изјави дека не е во ничиј интерес со тешките преговори за Брегзит целосно да се прекине врската на Велика Британија и остатокот од Европската унија по напуштањето, укажувајќи на тоа дека постои заеднички интерес во одржувањето на економските и безбедносните врски, пренесува „Ројтерс“.


„Казнување? Секако дека не, но Макрон верува дека Европа е дел од решението на проблемот со кој што се соочуваме“, изјави Писани.

Истовремено, претставничка на партијата Демократско движење и пратеничка во Европскиот парламент, Силвија Гулар, изјави дека очекува Германија да биде првата земја која што Макрон ќе ја посети откако и официјално ќе стане новиот претседател на Франција.



Спонзорирани линкови

Маркетинг