Трајановски: По 45 години конечно Скопје ќе добие нов забавен парк

Точка

21/04/2017

15:21

4.230

Големина на фонт

а а а

По скоро 45 години конечно Скопје ќе добие нов забавен парк. Оваа вест на Фејсбук ја сподели градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски.

"Мои сограѓани,по скоро 45 години конечно Скопје ќе добие нов забавен парк. Изградбата на паркот ќе биде во повеќе фази, и изградбата на истиот, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра. Забавниот парк ќе се гради на истата локација и ќе ја опфаќа истата површина", напишал Трајановски.


Вкупно 27 реквизити ќе бидат набавени и поставени во рамки на целиот проект за изградба на новиот забавен парк во Скопје, од кои 3 адреналински реквизити, 6 семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини, соопштија од Град Скопје.


Трајановски посочи дека додека траат градежните работи, Луна паркот нема да работи, додека дискотеките коишто се лоцирани во постојаниот парк, ќе работат и оваа година (сезона). Со овие постапки, скопјани конечно ќе добијат нов, модерен забавен парк, со нова опрема и реквизити, кој не е обновен од неговата изградба во 1973 година.



"Изминатиов период започна реализацијата на капиталниот проект за изградба на нов забавен парк со што скопјани по 44 години ќе добијат нов, модерен забавен парк. Забавниот парк ќе се гради на истата локација како стариот Луна Парк, истиот ќе биде на површина од околу 25.000 квадратни метри и со изградбата нема да се зема од зеленилото од Градскиот парк. Изградбата на новиот забавен парк ќе се гради фазно, во повеќе години, и изградбата на истиот, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра. Во првата фаза е предвидена изградба на инфраструктура и објекти кои се неопходни за функционирањето на забавниот парк, како што се влезно излезна партија, објект за администрација, тоалети и други придружни објекти, партерно и хортикултурно уредување, за што се издвоени около 101 милион денари. Паралелно со изградбата на инфраструктурата, во оваа фаза ќе се постават седум реквизити и истите треба да пристигнат во рок од 6 месеци, за што се издвоени околу 130 милиони денари. Во првата фаза ќе се постават 1 адреналински, 2 полуадреналински, еден воз на шини и 3 детски реквизити“, изјави Трајановски.




Спонзорирани линкови

Маркетинг