Пукотници во Париз: Во терористички напад убиени двајца полицајци

Точка

21/04/2017

01:13

4.278

Големина на фонт

а а а

Откако синоќа дошло до пукотници на Шанзелизе во Париз, еден полицаец починал на лице место, а друг непосредно после нападот им подлегнал на повредите во една од париските болници.

Наводно на две места на популарната Шанзелизе во Париз дошло до пукотници, а во меѓувреме, доцна синоќа Исламската држава ја превзеде одговорноста за нападот, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“.

Претседателот на Франција, Франсоа Оланд веднаш свикал итен состанок, а како што пренесуваат француските медиуми, напаѓачот од претходно им бил познат на разузнавачките служби и бил означен како „многу опасна личност“. Полицијата веднаш извршила претрес на неговиот дом во источен Париз.

Непосредно после нападот, прв се огласи портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Франција, Пјер-Анри Бранде кој што изјави: „Еден полицаец е убиен, а двајца се тешко ранети. Напаѓачот е убиен, а целото подрачје ќе биде блокирано уште некое време“.

Некои медиуми објавија дека имало двајца напаѓачи, кои што со својот автомобил се приближиле до полициска патрола, а потоа отвориле оган на нив. Метро станицата и околните улици во близина на Шанзелизе биле блокирани веднаш од француската полиција.

Во меѓувреме, француската полиција трага по Јусуф Ел Осри за кој што постои сомнение дека учествувал во нападот на полицајците. Француските медиуми пренесуваат дека тоа лице им било добро познато на европските безбедносни служби. Медиумите пренесуваат дека белгиските служби, вчера испратиле предупредување до своите француски колеги дека Ел Осри, роден во 1981-ва година, се упатил кон Париз.

Доцна синоќа, по повод новиот терористички напад кој што ја потресе француската престолнина, се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп кој накратко прокоментира: „Што да кажам? Тоа е една ужасна работа која што се случува во целиот свет и изгледа дека никогаш нема да престане. Мора да бидеме силни. Мое сочувство до францускиот народ“.

Ова е шести терористички напад во Париз во последните шест години. Претходниот се случи пред само еден месец. Да потсетиме, во јуни минатата година исто така во терористички напад беа убиени двајца полицајци, а одговорноста за нападот ја превзеде Исламската држава.



Спонзорирани линкови

Маркетинг