Хан: Мандатот да се додели на партиите кои имаат мнозинство во Собранието

Макфакс

26/02/2017

14:18

5.114

Големина на фонт

а а а

Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан во саботата го повика македонскиот претседател Ѓорге Иванов да му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако тој собра потписи што му гарантираат мнозинство во новото македонско Собрание за формирање влада.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Хан во соопштение порача и дека „промените во демократските општества се природни и треба да бидат прифатени, кога се резултат на веродостојни избори“

„Со оглед на тоа што доволно потписи на пратеници биле собрани, ние со нетрпение ги очекуваме следните чекори. Сега очекуваме претседателот да му даде мандат за формирање на нова влада на кандидатот од партиите што имаат мнозинство во Собранието, во согласност со Уставот. Промените во демократските општества се природни и треба да бидат прифатени кога се резултат на веродостојни избори. Прифаќање и почитување на изборните резултати и правото на лидерите да се обидат да формираат влада е знак на зрела демократија. Попречување и поткопување на таквите напори немаат место во демократскиот процес“, вели Хан во соопштението.

Еврокомесарот очекува сите страни на македонската политичка сцена да ги почитуваат демократските принципи и стандарди и да се вклучат конструктивно и да имаат за цел да најдат основа за заедничка работа и соработка, наместо, како што вели “во потрага по можности за поткопување на едни со други“.

„Таквите пристапи од минатото ја фрлија земјата во криза. Тие мора да се избегнуваат од страна на сите без разлика дали се во владата или во опозицијата. И Владата и опозицијата имаат улога и значење во функционална демократија и двете може да ја обликуваат иднината на земјата. Заедничка заложба на сите страни за придвижување на земјата на нејзиниот евроатлантски пат е споделена национална стратешка цел и нуди основа за широка соработка за многу потребните и заостанати реформи. Тоа е она што граѓаните го бараат и го заслужуваат“, додава еврокомесарот.

Хан истотака ги повика сите релевантни фактори, вклучувајќи го и претседателот на Македонија и Собранието, да дејствуваат во целосна согласност и според него “во духот и словото на Уставот и на одговорен начин, а за да се овозможи брзо формирање на влада која ќе се посвети на заостанатите реформи“.


Спонзорирани линкови

Маркетинг