Иванов ќе му го врачи мандатот за формирање влада на Никола Груевски

Макфакс

09/01/2017

12:21

3.336

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска, во 13 часот ќе го врачи мандатот за состав на Влада на Република Македонија на Никола Груевски, претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, соопштија од кабинетот на претседателот.

По конституирањето на новото Собрание, односно верифицирањето на мандатите на сите 120 избрани пратеници на 30-ти декември, се исполни законскиот услов да почне да тече рокот за формирање влада.


Претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието, рок кој истекува денеска, мандатот за состав на новата влада да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Мандатарот во рок од 20 дена до Собранието поднесува програма и го предлага составот на Владата. Потоа, Собранието ја избира Владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако во тој период мандатарот не успее да состави влада, тогаш се повторува целата постапка со друг мандатар.

„Ќе се обидам да составам влада, но не по секоја цена. Ако сé оди по досегашните установени принципи во Македонија, би требало да составам влада, но доколку се прекршат сé е можно“, вели во интервјуто објавено во дневниот весник Дневник, челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во врска со платформата која во саботата ја објавија трите албански партии застапени во парламентот ДУИ, Движењето Беса и Алијанса за Албанците.


Албанските партии во Македонија во саботата објавија дека ја усвоиле заедничката платформа, зад која стојат ДУИ, Движењето БЕСА и Алијансата за Албанците, која ќе биде основа на партиите на Албанците во преговорите за формирање на нова влада, и во која се бара албанскиот јазик да добие статус на официјален, економска рамноправност, со учество на албанските партии да се реши спорот за името со Грција како наводен услов за интеграции во Европската унија и НАТО, но и непристрасна работа на Специјалното јавно обвинителство, и редица други барања, меѓу кои и осуда на „геноцид врз Албанците во Македонија“.

На предвремените парламентарни избори на 11-ти декември коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, СДСМ во коалиција со граѓански активисти освои 49 мандати, ДУИ – 10, Движењето Беса – 5, Алијансата за Албанците – 3 и ДПА – две пратенички места.


Спонзорирани линкови

Маркетинг